Малигнен меланом

Дневна доза здравје

мај 14, 2021


Меланомот е малигнен тумор со потекло од меланоцитите, клетки одговорни за создавање на пигмент –меланин кој има улога да ја штити кожата апсорбирајќи ги УВ зраците од сонцето. Во последните децении ширум светот малигниот меланом бележи зголемена инциденца и претставува еден од најчестите карциноми. Најчесто се должи на неконтролирано односно небезбедно изложување на сочево УВ зрачење кое навлегува и предизвикува промени во кожата со текот на времето.

Постојат повеќе типови на малигнен меланом, меѓу кои површинско ширечкиот е еден од најчестите за кој што се знае дека има еволуција од 1-2 години. Ова секако не смее да го игнорираме бидејќи ни дава време за рана детекција односно откривање на меланомот во почетните стадиуми на болеста за кои се смета дека преживувањето е до 98%, односно пациентот се смета за излекуван.

Кои се ризик фактори за развој на меланом

Меланомот настаува како збир на внатрешни односно генетски и фактори на надворешната средина. Најзначајни ризик фактори се фамилијарната анамнеза за постоење на меланом на член од поблиското семејство, бројни меланоцитни невуси односно бемки (повеќе од 50), гигантски вроден (конгенитален) невус, типот на кожа (светлата што лесно гори на сонце и никогаш не потемнува), светли очи, црвена коса како и УВ зраците како надворешен фактор. Докажано е всушност дека најголемиот ризик фактор за настанување на меланомот се изгорениците од сонце настанати на кожата во детството и во текот на раната адолесценција.
На генетските фактори кои се својство на секое лице никако не може да влијаеме, освен да ги воочиме како индикатор за одредување на лица со повисок ризик за развој на меланом. За разлика од нив, на најважниот ризик фактор од надворешната средина во голема мерка може да се влијае!

Што може да направиме за превенција

Препораките се да се користат препарати до висок заштитен фактор од УВА и УВБ зраци, а за почувствителна кожа потребна е дополнителна заштита со носење соодветна облека со долги ракави, капи, шешири и очила. Заштитата треба да се спроведува при секое изложување на сонце од рана пролет па се до есен, а не само за време на годишните одмори.

Исто така е важен начинот на применување на препаратите со заштитен фактор кои се нанесуваат 20-30 минути пред изложување на сонце и оваа постапка се повторува на секои 2-3 часа. Најважно е избегнување на директно изложување на сонце во перидот помеѓу 11-16часот.
Освен заштитата од сонце како и избегнување на солариумите, важно е да се делува на здравствената едукација за самопрегледување и детекција на одредени знаци кога треба да се побара преглед кај дерматолог.

Како да го препознаеме меланомот

Меланомот е идеален тумор за превенција бидејќи кожата е лесно достапен орган за преглед. Месец мај е месец за подигање на свесноста кај секој човек за важноста на самопрегледитеи и за детекција на било какви промени на веќе постоечки бемки или новонастанати пигментни промени во смисла на промена на боја, големина, форма, промена во околината на бемките како и било какви субјективни сензации како јадеж, болка , крварењеи и др.

Секој треба да е запознаен со системот на евалуација за промени на кожата АБЦДЕ :

Самопрегледот треба да се изведува еднаш месечно, може да го изведувате сами или со помош на член од вашето семејство. Застанете пред огледало и внимателно погледајте ја секоја промена и мека на кожата по целото тели, вклучувајќи ја кожата на стапалата и ноктите.Со помош на помало огледало кое ќе го поставите под нозете ќе ги прегледате стапалата на задната страна како и грбот почнувајќи од вратот па надолу. За задната страна на телото најдобро е да ви помогне член од семејството, секогаш имајќи го на ум АБЦДЕ правилото.
Доколку се забележи било кој од овие знаци задолжително треба да се побара преглед кај вашиот дерматолог кој ќе направи детален скрининг со помош на инструмент дермоскоп кој е алатка со чија помош без никаков дискомфорт кон пациентот се доаѓа до брза дијагноза.

Д-р Александра Лазаревска
Специјалист по дерматовенерологија