8 ноември – Светски ден на радиологија

Дневна доза здравје

ноември 11,2021


Здруженијата за радиологија секаде низ светот го одбележуваат овој датум и ги повикуваат сите да им се приклучат во негово одбележување.

Медицинското снимање е една од највозбудливите и најпрогресивните дисциплини во здравството. Но, додека рендгенските снимки, скеновите со МР, ултразвукот и другите технологии за медицински слики се познати на многу луѓе, нивната вредност и влијание врз грижата за пациентите не се широко разбрани. Затоа од 2012 година почна да се одбелажува овој ден со цел за да се изгради повисока свест за радиологијата и виталната улога што ја играат радиолозите во грижата за пациентите.

Благодарение на радиологијата, денес може да се дијагностицираат фрактури, да се постават и прилагодат протези, да се следи еволуцијата и развојот на фетусот и да се утврди состојбата на мозокот. И сето тоа, без да мора да се направи операција или други болни интервенции.

Малку од историјата на радиологијата

Датумот за одбележување на овој ден е всушност денот кога Вилхелм Конрад Рентген, ги открил рентген зраците. Тој на 8 ноември 1895 година спроведувајќи експеримент со катодни зраци и вакуумски стаклени ампули, забележал дека кога струјата минува низ ампулата, се произведува флуоресцентен ефект, нешто што се случувало и на фотографските плочи. Овој научник своето откритие го нарекол х-зраци и им открил на научниците и медицинските работници дека со помош на овие зраци може да се види внатрешноста на телото. Само 3 месеци од неговото откритие, рентген снимките се воведуваат во сите болници во големите градови.

Овој светски ден, исто така, се обидува да ги актуелизира и ризиците при работење во оваа професија, како и да поттикне потрага по нови технологии и нови методи за добивање снимки.

Сигурно некогаш во животот сте направиле една или повеќе рентген снимки кои ви помогнаа да ја надминете повредата или проблемот. На овој ден едноставно треба да размислиме за тоа колку треба да им бидеме благодарни на луѓето што го откриле и го развиле, како и на радиолозите кои секојдневно изложуваат дел од своето здравје за да добијат слика за внатрешноста на нашето тело која ни овозможува прецизна дијагноза проследена со соодветен третман.

Честит светски ден на радиологија!