Закажете преглед

Закажи преглед

00389 2 3091 484

Дневна доза здравје

Назад до Дневна доза здравје

08.05.2023

Акутно воспаление на увото кај деца

Постојат два вида акутно воспаление на средното уво: акутен отитис медија и отитис медија со ефузија/излив.

Воспалението на увото со излив или медицински познато како секреторен отитис медија или отитис медија со ефузија претставува состојба при која средното уво се исполнува со неинфективна, серозна течност.
Најчесто се јавува кај деца на возраст од 6 месеци до 3 години и може да се развие во две насоки: течноста самостојно да се издренира во рок од 4 до 6 недели или истата да се задржи и да се претвори во инфекција со симптоми: намалување на слух, гноење, температура, болка и др.

Причини за појава

Причината за појава на ефузија, односно лошо дренирање во средното уво е дисфункција на евстахиевата туба односно каналчето кое служи за изендачување на притискот на средното уво. Дисфункцијата може да биде причинета од:

  • недоразвиена евсахиева туба,
  • воспалени аденоиди
  • воспаленија или настинки на горнореспираторните патишта или пак алергии кои предизвикуваат попреченост во носната шуплина
  • малформации на евстахиевата туба

Во овој контекст особено е важно да се споменат предиспонирачките фактори како: настинките, престојот во детски градинки и јасли, пиењето од шише при лежење на грб, престојот во простории каде се пуши, недоеност, честите инфекции на уво или пак вродените краниофацијални аномалии.

Симптоми

Најчести симптоми кај отитис медиа со ефузија се:

  • тешкотии во слушањето на едното или двете уши
  • чувство на исполнетост во увото
  • впечаток на потпукнување во увото
  • тешкотии при говорот
  • нестабилност при одење

Начин на дијагностицирање

Дијагноза се поставува при преглед отоскопија каде се визуелизира заматена мембрана на ушното тапанче, а зад неа присутна течност со меурести воздушни балони кои флуктуираат. За потврда на дијагнозата се прави тимпанометрија која покажува неподвижност на тапанчето.

Третман

Третманот е индивидуален за секое дете. Во некои случаи може да дојде до самостојна ремисија на ефузијата и за тоа е потребно време од 4-6 недели. При тоа се дава витаминска терапија збогатена со цинк, при што се смета дека антибиотици, антихистаминици и деконгестиви не помагаат за подобрување на состојбата.

Доколку ефузијата продолжи подолго од 2 месеци, се прави миринготомија, а по потреба со аденоидектомија, при што се отстранува третиот крајник кај детето. Во увото се засекува мал дел од тапанчето, се евакуира секретот и се ослободува притисокот од средно уво, потоа се поставува вентилационо цевче кое ќе стои на тапанчето со цел да прави вентилација додека евстахиевата туба да ја воспостави својата функција.

Доколку се одложува потребната интервенцијата, тоа може да доведе до повеќе компликации како:

  • рекурентни/повторливи акутни воспаленија на средно уво
  • проблеми со говорот
  • структурни промени на тапанчето
  • намалување на слухот