Закажете преглед

Закажи преглед

00389 2 3091 484

Дневна доза здравје

Назад до Дневна доза здравје

10.03.2022

Д-р Ирена Андонова: Хистероскопија – златен стандард во гинекологијата

Хистероскопија е гинеколошка интервенција со која под директна визуелизација со камера во шуплината на матката дијагностицираме и решаваме многу проблеми што ги засегаат жените, а кои претходно можевме да ги решиме само со класична операција.

Хистероскопот е тенок инструмент, сличен на телескоп, кој преку вагината го пласираме во утерусот, кој покрај камера за визуелизација има и тенки инструменти, специјално дизајнирани за извршување на одредени интервенции. Хистероскопијата денес е златен стандард за отстранување на полипи од шуплината на матката, миоми кои се видливи во внатрешноста на матката, горење на слузницата на матката – процедурата ја користиме кај жени кои завршиле со репродукција, а кои имаат обилни менструални крварења кои доведуваат до анемија, и општа слабост.

Овие обилни, ирегуларни крварења од матката се симптоми на кој се жалат 40% од жените кои доаѓаат во гинеколошките ординации. Некои од нив се третираат со хормонска терапија, но кај голем дел од нив постои промена во матката, која денес ја решаваме микроинвазивно со хистероскопијата, како еднодневна хирургија, скоро безболно со минимален период на опоравување. Денес, многу жени чии професионални обврски наложуваат брзо да се вратат на работа, бараат нови, алтернативни модалитети на класичната хирургија.

И тука не завршува опсегот на употребата на хистероскопската хирургија. Доколку порано беше потребна класична операција кај пациентките со аномалии на утерус, прегради на матката, кои често лекуваат стерилитет или имаат повторувачки спонтани абортуси и предвремени породувања, денес сето тоа благодарејќи на оваа метода е можно како еднодневна хирургија, со брзо постоперативно закрепнување.

Во светски рамки, со самиот пораст на бројот на Царските резови, се соочивме со нов проблем, појава на еден вид на кила на предниод ѕид на матката, во која како во резервоар се задржува менструалната крв, па овие пациентки крварат по 12-14 дена по отпочнување на циклусот при што крвта се цеди секој ден по малку. И за оваа состојба терапијата е хистероскопска каде по визуелизацијата со камера, се прави решавање на килната кеса, и со тоа се решава проблемот кој го нарушува секојдневието и нормалниот живот на пациентката.

Денес хистероскопската хирургија има значајно место во секојдневната гинеколошка пракса. Таа стана рутинска и неопходна метода која замени многу интервенции и операции во гинекологијата, давајќи нов микроинвазивен правец во третманот на гинеколошките состојби. Предности од хистероскопијата, кои секако во денешното модерно време се клучни:

  • Брзо, едноставно и ефикасно решение,
  • Еднодневна хирургија,
  • Низок ризик од компликации,
  • Брза рехабилитација,
  • Кратко боледување и минимално отсуство од секојдневните обврски.