Закажете преглед

Закажи преглед

00389 2 3091 484

Дневна доза здравје

Назад до Дневна доза здравје

12.10.2022

Дали некогаш сте чуле за мастоидитис?

Мастоидитисот е бактериска инфекција на продолжетокот на темпоралната коска зад увото позната уште како мастоидна апофиза.

Мастоидитисот најчесто се јавува како компликација на акутно воспаление на средното уво (отитис медиа) кое при намален имунитет или несоодветно лекување може да прогресира од средното уво кон соседната коска – мастоидната апофиза. Мастоидна инфекција најчесто е предизвикана од пневмококни бактерии и може да предизвика сериозни последици, односно да доведе до глувост, инфекција на крвта (сепса), инфекција на мозочните обвивки (менингитис), мозочен апсцес, па дури и смрт.

Симптоми на мастоидитис

Симптомите на мастоидитис обично се појавуваат во рок од неколку дена до неколку недели по развојот на акутен отитис медиа. Најпрво патогените бактерии пенетрираат од носот преку туба аудитива во средното уво, од каде се пренесуваат во мастоидните ќелии каде се формира апсцес (гнојна колекција) во самата коска. Ова е состојба каде гнојната колекција може преку кревките коскени ламели да се пренесе во околината и тоа кон ушниот канал , кон средното уво, кон долната вилица или кон средната черепна јама. Кожата на местото каде се случува мастоидниот процес станува: црвена, отечена и болна, а ушната школка се дислоцира настрана и надолу. Други симптоми се: треска, силна болка околу и внатре во увото и обилен густ исцедок. Болката има тенденција да биде постојана и пулсирачка, а губењето на слухот може постепено да се влошува.

Дијагноза на мастоидитис

За дијагностицирање неопходен е преглед од оториноларинголог кој опфаќа:

  • Медицинска евалуација на симптомите и состојбата
  • Отомикроскопија
  • Компјутеризирана томографија (КТ) скен.

Лекарот обично ја заснова дијагнозата на симптомите. Секогаш се прави компјутерска томографија (КТ) за да се потврди дијагнозата. За да се идентификуваат патогените бактерии што ја предизвикуваат инфекцијата, лекарите земаат брис – примерок од исцедокот од увото. Ова е со цел лабораториска потврда на присутните бактерии за кои се препишува потоа соодветана терапија по антибиограм.

Третман на мастоидитис

  • Интравенски или орални антибиотици
  • Во одредени случаи хируршка интервенција

На повеќето луѓе со мастоидитис веднаш им се дава антибиотик (најчесто интравенски). За лицата кај кои болеста нема сеуште земено сериозен замав, може да им се даде антибиотик преку уста. По овој првичен третман, лекарите ги користат резултатите од лабораториската анализа за да одредат кој антибиотик е најдобар да се користи. Антибиотиците се продолжуваат најмалку 2 недели. Доколку се формира апсцес во коската или инфекцијата и воспалението станат хронични, потребно е хируршко отстранување на десквамираниот дел од коската (мастоидектомија) и корективна операција.

Превенција

Оваа сериозна состојба можеме да ја превенираме со редовни контроли кај оториноларинголог, реагирање и соодветен третман при сите инфекции на горно-респираторниот систем /риносинузити, ринофарингити , отитис медија, катарлни инфеции , вирози, настинки/, подобрување на имунитетот и квалитетот на живот.

Во клиничката болница Жан Митрев ви стои на располагање стручниот тим на оториноларинголози преку персонализиран третман за сите болести на уво нос и грло.

Закажете го вашиот преглед на 02 3091 484