Закажете преглед

Закажи преглед

00389 2 3091 484

Дневна доза здравје

Назад до Дневна доза здравје

07.02.2023

Физиотерапија после зимски повреди

Снегот е радост за сите генерации и причина плус за да ги напуштиме топлите домови и да излеземе на прошетка. Но, пред да се препуштиме на зимските убавини, треба да знаеме и како да се заштитиме од евентуални повреди. Зимските повреди т.е повредите настанати при рекреативни или спортски активности, можат да бидат доста опасни и болни. А самиот процес на опоравување може да потрае и да ве оддалечи од секојдневните работни активности со месеци. Во зимскиот период, најчести се повредите на скочниот зглоб и колената кои може да настанат при одење или пак скијање на снег. Доколку пак, паднете на лизгава, замрзната површина, може да настанат и тешки повреди на главата или скршеници на горните екстремитети или ’рбетниот столб.

Најчести видови на зимски повреди се:

  • Превиткување (dystorsio) – е повреда на лигаментите, меките ткива, крвните садови или нерви и истото е резултат на ненадејно, пресилно движење на зглобот. Повредениот чувствува остра болка, проследена со оток на болното место.
  • Исчашување (luxatio) – е повреда при која зглобната глава излегува од зглобната чашка заради прекин на лигаментите или расцеп на зглобната чашка. Како последица на ова, зглобот е деформиран и се чувствува силна болка, а екстремитетот е во неприродна (невообичаена) положба. Исто така при движењето на зглобот, се чувствува мал отпор поради контракциите на мускулите.
  • Скршеница (fractura) – претставува оштетување на меките ткива и прекин на континуитетот на коските или ’рскавиците. Сериозноста на оваа повреда зависи од обемот на оштетената коска, крвните садови, губење на крв или трауматски шок.

За сите овие повреди потребно е да се направи веднаш консултација со медицинско лице, односно закажување преглед со цел соодветно диагностицирање и санирање на повредите. Секако важно е да се истакне дека навременото санирање на повредите може да превенира дополнителни компликации. Најчесто овие повреди се третираат конзервативно. Но, понекогаш доколку сериозноста на повредата го налага тоа, третманот може да биде и оперативен.

Бидејќи самиот процесот на рехабилитација започнува веднаш по настанувањето на повредата, без разлика дали повредата захтева конзервативен или оперативен третман, улогата на физиотерапијата во овој процес е огромна. Со цел да се постави соодветна патеката на лекувањето, клучно е едуциран физиотерапевт во консултација со ортопед или трауматолог да одбере соодветни физиотерапевтски техники. Најчесто овој тип на повреди (дисторзија и луксација) се третираат со бандажирање или компресивна терапија, елевација (позиционирање), криотерапија, кинезиотејпинг, па дури и електротерапија. Изборот на секоја техника се прави согласно локацијата и типот на настаната повреда. При дисторзија или луксација кинезиотејпингот има максимално позитивен ефект при стабилизацијата на повредениот зглоб, но и во редукција на настанатиот локален едем. Исто така кинезиотејпингот може да помогне и при некои специфични фрактури на локации при кои не е возможно да се постави гипсена или друг тип на имобилизација.

Голем број на истражувања во последните десетина години покажуваат позитивен ефект при употреба на функционалната магнетна стимулација (FMS) во третманот на скршениците (фрактури) дури и преку поставена гипсена или пластична имобилизација со што се забрзува т.е се намалува времетраењето на носење на истата. Функционалната магнетна стимулација има длабоко продирачко дејство кое успева да пенетрира од 5 до 7 см во длабочина и со тоа да влијае на сите мускулно скелетни ткива и на нивните интерклеточни процеси со што го поттикнува процесот на зараснување на коската – формирање на калус.

Голем број на зимски повреди понекогаш се рехабилитираат и подолг временски период, можеби и месеци, со што се намалува на квалитетот на живот и се ограничуваат работните способности на пациентот. Но, доколку се одбере соодветна и интензивна физиотерапија овој процес може значително да се забрза и најголемиот број на зимски повреди да бидат комплетно рехабилитирани за пократок период.