Закажете преглед

Закажи преглед

00389 2 3091 484

Дневна доза здравје

Назад до Дневна доза здравје

14.12.2022

Хируршки третман на митралната валвула – како се изведува во нашата клиника?

Во човечкото срце има 4 валвули кои обезбедуваат нормален проток на крвта низ него. Всушност биењето на срцето е звукот кој доаѓа од нивното отворање/затворање.

Која е функцијата на валвулите?

Валвулите сe сместени меѓу срцевите преткомори и комори, и меѓу срцевите комори и големите крвни садови. Тие овозможуваат навремен и непречен проток на крв низ срцето и кон големите крвни садови. Доколку постои заболување на некоја од овие валвули, тоа доведува до нарушување на нивната функција, односно нивно неправилно отворање/затворање кое може да предизвика враќање на крвта назад или отежнат проток на крвта како резултат на стеснување.
Заболувањата на валувулите може да бидат вродени или стекнати подоцна во животот како резултат на најразлични причинители.

Што претставува валвуларна хирургија и кога се применува?

Валвуларната хирургија претставува хируршка интервенција при која се прави замена или реконструкција на срцевите валвули. Се применува при тешки заболувања на срцевите валвули кои предизвикуваат стеснување на отворот на валвулата, пореметено затварање на кусписите-народски познати како срцеви клапи, или комбинирано.

Добро е да се знае дека освен хируршкиот третман постојат и други можности за решавање на валвуларни проблеми како на пример транскететерска митрална реконструкција или замена на валвулата со имплантација на нова. Но, она што треба да се истакне е дека хируршкиот третман сеуште претставува златен стандард во однос на третманот на проблемите со валвулите.

Хируршки третман на митралната валвула и како се изведува во нашата клиника?

Митралната валвула се наоѓа помеѓу левата преткомора и левата комора на срцето. Нејзината улога е да ја пропушта крвта во левата комора и да се затвара при испумпување на крвта во циркулација со цел крвта да не се враќа назад кон преткомората и белите дробови.
Причините за оперативен третман на митралната валвула се: тешка валвуларна стеноза, инсуфициенција или двете заедно. Етиологијата е различна. Најчести причини за болест на митралната валвула се:

  • ревматска болест – предизвикана од ревматска треска;
  • ендокардит – инфекција на кусписите на валвулата;
  • инфаркт на миокардот;
  • малигни или бенигни тумори, и
  • кардиомиопатии од различна етиологија.

Во нашата клиника овој тип на операција се изведува во општа анестезија. Во зависност од причината, односно патологијата на валвулата, операцијата може да биде изведена со замена на валвулата со биолошка или механичка протеза или реконструкција на самата валвула. Всушност она по што сме препознатливи како институција е фактот дека секогаш кога постои можност, се одбира да биде направена реконстукција на самата валвула. Иако овој метод е многу позахтевен и потежок за изведување, сепак предностите и придобивките за самиот пацинет се многу поголеми. Најголема придобивка е фактот дека кај пациентот нема страно тело, односно пациентот ја задржува својата валвула, со што се избегнува потребата од долготрајно или доживотно примање на дополнителна терапија со која се зголемува ризикот од мозочно крварење или мозочен удар.

Уште една предност е тоа што за време на целата операција миокардната протекција е на највисоко ниво. Тоа значи дека за цело времетраење на операцијата постои крвоток низ срцевиот мускул, што е клучно при нормализирање на срцевата работа по исклучување на срцето од циркулација за време на операцијата и при будењето од општа анестезија. Така пациентот се буди од општата анестезија само неколку часа по самата операција со компплетна аналгезија и без болки. Уште првиот или вториот постоперативен ден се започнува со мобилизација, а пациентот ја напушта болницата најчесто на 5 дена по направената операција, во добра општа состојба со можност за самостојно функционирање.

Комбинацијата од сите горенаведените елементи, односно мултидисциплинарниот пристап, професиналноста и сериозниот пристап во текот на целиот процес од почеток до крај ја ставаат нашата клиника на рамниште со сите светски познати центри кои ја третираат оваа патологија.
За тоа секако најзаслужни се тимот кардиохирурзи предводени од д-р Жан Митрев, но и сите лекари и медицински персонал кои учествуваат во активностите пред и постоперативно.