Закажете преглед

Закажи преглед

00389 2 3091 484

Дневна доза здравје

Назад до Дневна доза здравје

03.03.2022

Интервју со проф. д-р Васил Илиев – Карциномот на грлото на матка четврт најчест канцер кај жените

Проф. Илиев, ракот на грлото на матката е четврт најчест канцер кај жените, кој во светски рамки има поразителна статистика, земајќи по една жртва на секои две минути. Потребата од подигање на свеста за ова малигно заболување е повеќе од потребна, и во тој контекст, ќе Ве замолам да ни објасните што всушност претставува ова заболување и која е причината поради која се јавува?

– Рак (карцином) на грлото на матката е болест која најчесто нема никакви симптоми, а претставува новосоздадено туморско ткиво со малигни карактеристики кои имаат способност за инвазивно ширење во околните структури, органи, лимфни и крвни садови. Ракот на грлото на матката е малиген епителен тумор кој може да биде лоциран на самото грло-цервиксот на матката или пак во цервикалниот канал (ендоцервикс). Најчесто погодена популација се жените од 35 до 49 годишна возраст. Клучно е да се прават редовни прегледи, најмалку еднаш годишно, бидејќи раното откривање и следење на промените може да спасат живот.

Кои се ризик факторите за појава на карцином на матка? Може ли да се превенира појавата на карцином на грлото на матката?

-Најголем ризик фактор за настанок на карцином на грлото на матката е инфекцијата со одредени типови на хуман папилома вирус познат како ХПВ. Овој вирус спаѓа во групата на сексуално преносливи, а постојат повеќе од 100 типа ХПВ. Од нив девет имаат докажано висок потенцијал да предизвикаат промени на грлото на матката и да прераснат во рак (карцином) на грлото на матката. Од нив најголем малиген (онкоген) потенцијал имаат ХПВ 16 и 18. Повеќето жени инфицирани со ХПВ вирусот се без симптоматологија и оздравуваат во тек на 6 до 24 месеци. Меѓутоа, кога имунолошкиот систем не успева да се ослободи од вирусот, а жената не е свесна дека е заразена, а при тоа не оди на контроли, расте ризикот за развој на рак на грлото на матката.
Од тука се наметнува и најдобриот и најсигурниот начин за негова превенција, а тоа се секако редовните гинеколошки контроли со редовен цитолошки брис (ПАП) и по потреба, многу често, земање на брис за ПЦР. Во суштина ова значи дека во случаи на позитивен наод (присуство на ХПВ) треба да се спроведе и типизација, односно одредување на типот на ХПВ.

Раниот цервикален карцином во голем број случаи е асимптоматичен. Кои се симптомите понатаму како што напредува болеста?

-Ракот на грлото на матката доаѓа без симптоми. Нема болка, нема чешање, нема непријатност, а клетките можат да мутираат. Развојот на ракот на грлото на матката најчесто е постепен и поминува неколку фази. Најпрво започнува со фаза на преканцероза кога е всушност најдобро да се дијагностицира и воедно соодветно да се третира. Потоа следи фазата наречена ,,statim nulta,, кога сеуште нема инвазија. Доколку се открие во оваа фаза, третманот дава одлични резултати. Понатамошниот развој е прогресивен и од клинички аспект е поделен во неколку стадиуми, поточно четири стадиуми на инвазија. Стадиумите се детерминирани во зависност од степенот на инвазија во околните структури, органи и се многу важни за донесување одлука во поглед на примарнаниот пристап во третманот на карциномот на грлото на матката. Во секој стадиум постојат подстадиуми кои се одредуваат врз основа на клинички наод и параклинички анализи од кои потоа зависи одлуката за примена на следни зафати, односно селектирање случаи кои се за примарен оперативен третман и оние кај кои оперативниот примарен третман би бил неадекватен (невозможен, штетен).

За среќа, преканцерозните промени на грлото на матката многу бавно се развиваат и прераснуваат во рак на грлото на матката, што остава широк временски прозор за дијагностика и терапија.
Затоа е од најголемо значење да се прави редовен скрининг на грлото на матката, односно ПАП тест и колпоскопија. Целта на тестот Папаниколау (ПАП тест) е да се пронајдат промени на грлото на матката во фаза во која тие можат лесно да се отстранат. Откако ќе се развие ракот, третманот станува потежок и шансите за успех се помали.
Ние во Центарот за женско здравје при клиничката болница Жан Митрев со цел да придонесеме кон подигање на свеста за рано откривање на оваа болест, креиравме пакет понуда во која секоја жена која ќе направи ПАП тест, го добива гинеколошкиот преглед со намалена цена од -50%. Акцијата започнува од 01.03.2022 и ќе трае цел март.

СИМПТОМИ

Ракот на грлото на матката обично нема симптоми, но понекогаш може да вклучува:

  • Крварење после сексуален однос
  • Крвав исцедок
  • Нередовна циклус
  • Болка – која е доцен симптом

ДИЈАГНОЗА

  • ПАП тест
  • Колпоскопија
  • Биопсија
  • Експлоративна киретажа и конизација со хистопатолошки наоди

Дополнителна дијагностика:

  • Гинеколошки ултразвук
  • Ултразвук (ехо) на абдоменот
  • Скенер (КТ)
  • Магнетна резонанца
  • Колоноскопија
  • Цистоскопија
  • Х-зраци (РТГ) на белите дробови и коските
  • Лабораториски дополнителни анализи итн.