Закажете преглед

Закажи преглед

00389 2 3091 484

Дневна доза здравје

Назад до Дневна доза здравје

11.08.2022

Кои се последиците предизвикани од дебелина и прекумерна тежина

Дебелината и прекумерната тежина се двете категории кои се користат за да се опише состојбата која се карактеризира со абнормална или прекумерна акумулација на маснотии. И двете можат да бидат штетни за здравјето.

Кога индексот на телесна маса (Body Mass Inedex – BMI) е поголем од 25, вишокот килограми се категоризира како прекумерна тежина, а кога овој индекс е поголем од 30, зборуваме за дебелина.
Повеќе од четири милиони луѓе годишно умираат од причини поврзани со прекумерна тежина или дебелина, на глобално ниво. Тоа значи дека проблемот вишок килограми има постигнато епидемиски размери.

Стапките на прекумерна тежина и дебелина кај децата и возрасните продолжуваат да растат. Во последните години, преваленцата на прекумерна тежина или дебелина кај децата и адолесцентите/малолетните на возраст од 5 до 19 години е зголемена за четирикратно на глобално ниво.

Дебелината и прекумерната тежина, кои некогаш се сметаа за проблеми на земјите со високи приходи, драстично се зголемуваат во земјите со низок и среден приход, особено во урбаните средини.

Огромниот број на деца со прекумерна тежина или дебели живеат во земјите во развој, каде стапката на пораст е повеќе од 30% повисока од онаа во земјите во развој. Сега има повеќе дебели луѓе отколку луѓе со недоволна тежина насекаде во светот, со исклучок на субсахарска Африка и Азија.

Реални ризици од вишокот килограми

Прекумерната тежина и дебелината се главни фактори на ризик за некои хронични болести, вклучително и кардиоваскуларни болести како што се коронарна срцева болест и мозочен удар, кои се водечки причини за смрт во светот. Понатаму, прекумерната тежина може да доведе до дијабетес и поврзани нарушувања кои произлегуваат од оваа состојба, вклучувајќи слепило, ампутации на екстремитетите и потреба за дијализа. Од 1980 година наваму, стапките на инциденца на дијабетес се четирикратно зголемени ширум светот.

Вишокот тежина може да предизвика мускулно-скелетни нарушувања како што е остеоартритис. Покрај тоа, дебелината е поврзана со некои видови на рак, вклучувајќи ги и оние на ендометриумот, дојката, јајниците, простатата, црниот дроб, жолчното кесе, бубрезите и дебелото црево. Ризикот од развој на овие незаразни болести се зголемува дури и ако се со многу малку прекумерна тежина, а се влошува со зголемувањето на индексот на телесна маса (БМИ).

Дебелината уште од детска возраст е поврзана со широк спектар на сериозни здравствени компликации и зголемен ризик од предвремен почеток на поврзани болести. Некои студии покажаа дека без интервенции, дебелите деца и адолесценти веројатно ќе останат дебели до зрелоста.

Многу од причините за прекумерна тежина и дебелина се спречени и реверзибилни. Сепак, до денес, ниту една земја не успеала да го промени порастот на оваа епидемија. Иако постојат други фактори, сепак основната причина за дебелината е енергетскиот дисбаланс помеѓу примените и потрошените калории. Во последните децении, промените во исхраната доведоа до зголемување на потрошувачката на храна која е богата со калории, богата со масти и слободни шеќери. Имаше и пад на физичката активност поради менување на моделите на многу видови работни места, подобар пристап до транспорт и зголемена урбанизација.

Наш совет

Имајќи го сето ова во предвид, нашиот совет е: одберете здрави животни навики, избалансирана исхрана богата со овошје и зеленчук и физичка активност најмалку 1 час умерена или 45 минути интензивно 5 дена во неделата. Тоа ќе ви помогне во справувањето со проблемите со вишок килограми, а секако и во превенцијата на последиците од истата.