Закажете преглед

Закажи преглед

00389 2 3091 484

Дневна доза здравје

Назад до Дневна доза здравје

27.10.2014

Корекција на pectus excavatum

Корекција на pectus excavatum

Pectus excavatum е латински термин кој во превод значи “вдлабнат граден кош”. Вдлабнат стернум (градна коска), може да постои при самото раѓање или да се деформира покасно, најчесто за време на пубертетот. Околу 37% од пациентите со pectus excavatum најчесто имаат блиска роднина со истата патологија што укажува на генетска предиспозиција. Pectus excavatum е најчеста аномалија на предниот ѕид на градниот кош кај деца. Во најтешките случаи, деформитетот може да ја поремети работата на срцето и на белите дробови. Во полесни случаи предизвикува естетски проблем. Некои од пациентите избегнуваат активности, како што е пливањето.

Пациентите со тешка форма на pectus excavatum можат да имаат тешкотии со дишењето и градни болки. Можно е да биде потребна хируршка интервенција за да се превенираат абнормалности на работата на срцето и на белите дробови. Покрај клиничката слика, за дијагностички цели се користи рентген и компјутеризирана томографија за да се создаде слика од внатрешните структури на градниот кош. Тие се користат за да се измери тежината на деформитетот. Хируршката интервенција која се користи за корекција на овој тип на деформитет, може да биде инвазивна или минимално инвазивна

Во нашата болница, во рутина се користи минимално инвазивна хирургија позната како Nuss процедура. Оваа процедура е развиена во 1980-те години. Се состои од два мали реза од двете страни на градниот кош, на висина на мамилите. После тоа, следи протнување на претходно лесно обликуван коректор пектус бар и негова ротација откако ќе се позиционира под градната коска и коскените р’скавици. Тоа доведува до последователна корекција на градната коска. Се пласираат два стабилизатори по еден од секоја страна и истите се фиксираат за околните ткива. Со оваа техника не е потребно сечење или отстранување на коскената р’скавица. Резовите се затвораат со внатрешно шиење на кожата. Металниот пектус бар, обично, се отстранува околу една година после интервенцијата. Дотогаш се очекува корекцијата да биде перманентна. Процедурата е најефикасна кај деца, каде што коските и р’скавицата сеуште растат, но може да се изведе и кај возрасни пациенти. На 21.08.2014 во нашата болница е примен 30 годишен пациент со дијагноза Pectus infnndibuliforme. Пациентот се одлучил за нашата установа следејќи ја нашата интернет страна. Здравствениот проблем не можел да си го реши во Англија (земјата од каде потекнува) ниту пак во Италија каде што моментално работи поради не постоење на адекватни центри, но и поради екстремно високата цена на третманот. По соодветна подготовна кај пациентот е извршена минимално инвазивна корекција на деформитетот на градниот кош по методата на Nuss како што е опишано во претходниот текст. Поради специфичноста на случајот, пациентот започна со рана физиотерапија и мобилизација. Во одлична здравствена состојба пациентот беше отпуштен дома по 6 дена од интервенцијата. Посебна чест ни е што овој пациент изрази желба да даде интервју на Македонската Радио Телевизија за неговата животна приказна.