Закажете преглед

Закажи преглед

00389 2 3091 484

Дневна доза здравје

Назад до Дневна доза здравје

15.02.2019

Поставено првото вештачко срце

Во Клиничката болница „Жан Митрев“ беше поставено првото вештачко срце Total Artificial Heart (TAH). Апаратот Syncardia – TAH вештачко срце за третман на глобална- десна и лева коморна слабост се користи кај пациенти со срцева слабост, на кои им е потребна механичка поддршка на работата на десната и левата комора на срцето, обезбедување на адекватна циркулација, како премостување до трансплантација.

Оваа поддршка се користи како мост до трансплантација, кај оние пациенти каде за да може да преживеат до трансплантација е неопходно да им се обезбеди механичка потпора и обезбедување на циркулацијата.

Индикација за поставување на SynCardia TAH вештачкото срце е срцева слабост од која било етиологија каде има настанато десна и лева коморна слабост, и според причината која довела до настанување на истата не се очекува подобрување на срцевата работа. По операцијата 38 – годишниот пациент е во стабилна состојба и се наоѓа во состојба на постоперативно закрепнување, информира доктор Жан Митрев.

– Оваа операција се изведува со една посебна техника која е практично трансплантација каде што се вади срцето на пациентот коешто не функционира и се заменува со механичко срце. Тие технологии се во пракса веќе 20-30 години, меѓутоа, технолошки до сега постои само една фирма која го доведе тој производ до таа совршеност за да може тие механички срца да се вградуваат клинички. Тоа во последните години полека зазема пошироки размери. Вкупно во светот има направено околу 1000 вакви операции. Изведувањето на една ваква операција е поврзано со многу додатни технички но и финансиски, за жал, работи, бидејќи таа технологија е сè уште многу скапа. Сепак се смета и се очекува во иднина таа технологија да стане достапна за поширок круг на пациенти. Ова е технологија која за вакви пациенти е единствено нешто што може да се направи во Македонија и со ова практично се почнува и програмот за трансплантација бидејќи овие пациенти се млади и за нив овие пумпи се привремено решение. Сега оваа пумпа работи така што организмот на пациентот ќе се закрепне и ако после половина години или година се добие адекватно срце тогаш неговата шанса за преживување е многу голема – објаснува доктор Митрев.

Водени од нормалната анатомија на човековото срце SynCardia привременото Total Artificial Heart (TAH) е пулсирачки дивајс кој се состои од две комори и четири валвули, што ја пумпа крвта и ја обезбедува циркулацијата низ целиот организам. SynCardia TAH е направена од специјална биокомпатибилна пластика, која обезбедува висок степен на долготрајност, и квалитетен пулсатилен проток на крвта низ човековиот организам.

– SynCardia TAH е дивајс со фиксирана срцева фреквенција, каде бројот на удари во минута е константен, без разлика на физичката активност на пациентот. Вообичаено е да се постави фреквенцијата на 125 удари/мин. Кога пациентот е физички активен, со активирање на мускулатурата се зголемува венскиот повраток и дотур на крв во вештачкото срце, и со тоа се обезбедува повеќе крв да се истиснува во циркулацијата.

Постојат две димензии на SynCardia TAH вештачкото срце: 70 цм3 и 50 цм3, и димензионирањето се врши според големината на пациентот. Со вештачкото срце од 70 цм3 се пумпа до 9,5 литри на минута, додека со 50 цм3 околу 7,5 литри на минута. За споредба нормално човечко срце на пациент од 70 кг тежина пумпа до 5 литри во минута. Вештачкото срце ја заменува десната и левата комора и ја презема нивната функција. Овој дивајс се употребува како премостување до трансплантација или за оние кои се возрасни и како дестинацијска терапија – појаснува доктор Тања Анѓушева – супспецијалист кардиолог.

За реализирање на една ваква комплексна операција за тимот на нашата болница значеше огромна посветеност, дообука, едукација…

– За нашата клиника ова значи огромен исчекор напред, технолошки но и во секој поглед. Нашите вработени беа на едукација во Берлин, Германија, па потоа едукациите продолжија кај нас. Имавме еден убав додатен стимул за сите вработени кој се надогради со посебни критериуми и за нега и за следење на тие пациенти пред и постоперативно. Пациентот е пред два дена опериран а сега е буден, свесен, се наоѓа во тој постоперативен период на следење и подесување, сепак тоа се механики и пумпи кои треба да се подесуваат и да се приспособат на неговата функција. За сега се оди во најдобар ред, немаме некои компликации или проблеми и се надевам дека така ќе биде и понатаму. Пациентот е многу соработлив, тој беше добро информиран за целата постапка. За операцијата се подготвуваше три недели во нашата болница. Претходно имаше многу проблеми со сите органи така да цело време беше на едно интензивно лекување и подготовки по што целата операција помина технички добро, немаше некои крвавења и со сето тоа шансите за негово закрепнување се многу големи – заклучува доктор Жан Митрев.