Закажете преглед

Закажи преглед

00389 2 3091 484

Дневна доза здравје

Назад до Дневна доза здравје

23.04.2020

Промена на цена за тестирање на Ковид-19 базирана на новите трошоци и на ценовникот на услуги препорачани од ФЗО

Почитувани,

Следејќи ја ситуацијата со новиот коронавирус во Кина, Лабораторијата за Генетика и Персонализирана Медицина уште на крајот на месец јануари започна со подготовка на нејзините капацитети за детекција на новиот коронавирус (SARS-CoV-2) со RT-PCR метода. Ова е едиствената метода за детекција на вирусот која е препорачана од СЗО. Официјално, првиот тест во нашата лабораторија беше направен на 19.02.2020 – седум дена пред појавата на првиот потврден позитивен случај во Македонија кој беше детектиран во Институтот за Јавно здравје.

Иницијално, имплементацијата на анализата во нашата лабораторија беше со цел тестирање на предоперативните пациенти во Zan Mitrev Clinic, како дополнителна заштитна мерка и за пациентите и за персоналот во самата клиника. Цената на тестот која што беше одредена соодветствуваше токму на тие потреби.

Меѓутоа, со навлегувањето на оваа вирусна пандемија длабоко во секоја пора на државата, Zan Mitrev Clinic се стави во служба на граѓаните и директно започна да учествува во масовниот скрининг за новиот коронавирус на национално ниво.

Последователно ги зголемивме нашите капацитети од 30 тестови дневно на 300 тестови дневно, и тоа преку четирикратно зголемување на персоналот во лабораторијата, преку набавка на три нови роботи за автоматска ДНК/РНК екстракција (вкупен број 4), набавка на нови кабинети за подготовка на реагенси за PCR анализата и нови кабинети кои овозможуваат висока заштита од штетни биолошки агенси, нови машини за RT-PCR (вкупен број 2) и нови типови на лична заштитна опрема.

Во меѓувреме, поради големата побарувачка на тестови и дефицит на потрошен материјал на светско ниво, трошоците за извршување на еден тест драстично се зголемија, со што цената на тестот стана неодржлива и почна да го загрозува нашето учество и нашиот придонес во целата кризна и вонредна ситуација.

Па така, назначена комисија од Министерството за здравство изврши неколку увиди во целосната работа на лабораторијата и сите процеси во истата, при што конечен извештај беше доставен до ФЗО на РСМ. Во најбрзо време се очекува нашата лабораторија да почне да функционира во мрежата на здравствени услуги на РСМ.

Одредувањето на новата цена се базира на новите трошоци и на ценовникот на услуги препорачан од ФЗО за детекција на респираторни вируси со RT-PCR метода (пр. МО2/1 – 3000 ден и МО7/6 – 5500 ден) и истата ќе изнесува 3950 ден за сите приватни пациенти.

Старата цена е важечка за сите пациенти коишто веќе имаат букирано термин.