Секоја средба со нашиот пријател Флурим е ново доживување за сите

Дневна доза здравје

ноември 11,2016

Со светлината што ја има во очите на нашиот омилен пациент, или пријател на болницата „Филип Втори“, седумнаесет годишниот Флурим Мемети не пречека и овој пат, во неговиот дом. Во петокот, 18 ноември, 2016 во попладневните часови, преставници од тимот на д-р Жан Митрев се упативме кон неговиот дом за да им предадеме пакет наманет за нив. Топлата атмосфера во нивниот дом им пркоси на скромните, оскудни услови во кои живее тој заедно со неговите мајка, татко и помала сестра. Тоа го почуствуваме и овој пат, на повторената средба, а по повод организираната доброволна акција за собирање на стара облека од вработените во болницата, на инцијатива на персоналот од болницата.

Сакавме да ги изненадиме… Искрена, пријателска прегратка, смирен тон добивме за добредојде од Флурим, а неговите најблиски и овој пат не знаеа како да се заблагодарат за нашата посета.  „Знаевме дека ќе не посетите, вие никогаш не не заборавате“, искрено, со треперлив глас не пречека мајката и се заблагодари на тимот на д-р Митрев, на д-р Тања Анѓушева и останати вработени во болницата.  Поводот за оваа средба беше донирање на добиената парична награда од страна  на д-р Митрев за време на гостувањето во емисијата ВИП сезона за избор на најдобри рецепти на Канал 5.

Средбите со нив се секогаш посебни, несекојдневни затоа што се  искрени, полни со позитивност со која им пркосат на оскудните животни услови. Не „угостија“ со таква  енергија, која е повеќе од доволна причина да ги изненадиме повторно, да им внесеме дополнителна надеж за живот, да им докажеме дека секогаш може да сметаат на нас. Нам, ни е доволно при секоја средба да ја видиме ведрината кај Флурим, кој навистина знае да се радува на животот, по успешно преброденaта комплексна кардиохируршка операција, извршена од д-р Митрев пред три години.