Закажете преглед

Закажи преглед

00389 2 3091 484

Дневна доза здравје

Назад до Дневна доза здравје

25.09.2017

Витален и задоволен од животот Ѓеорги ја живее втората деценија после тешката операција

17 години после тешката операција на срце, Ѓеорги Јовановски (74) секое утро пешачи по 20-22 километри. „Тоа е клучот на одржување на моето здравје. И секако, следење на медицинските совети на д-р Тања Анѓушева која веќе 17 години се грижи за мојата здравствената состојба“, вака зборуваше Ѓеорги од Скопје кој беше дојден на редовна контрола во болницата ЖАН МИТРЕВ.

„Пациентот беше примен на 20 јуни, 2001 во животозагрозувачка состојба, со знаци на срцева слабост и изразени промени на коронарните крвни садови. Веднаш беше внесен во операциона сала кога д-р Жан Митрев му вгради 3 бајпаса и пластика на левата комора. Потоа, поради слабост на срцето на пациентот му беше поставена балон пумпа која му овозможи стабилизирање на состојбата“, објасни д-р Анѓушева која постојано била со Ѓеорги во критичните моменти. После успешното закрепнување и до ден денешен таа ја следи и контролира неговата здравствена состојба.

„Се чувствувам како да не сум опериран, витален сум и задоволен од животот. Најголема благодарност за тоа упатувам на д-р Тања Анѓушева. Мојот избор на доктор е одреден уште пред 17 години и не го менувам, презадоволен сум“, дополни тој.

„Дисциплиниран сум во однос на контроли, совети за исхрана и физичка активности и сметам дека тоа е тајната за одржување на здравјето. И после таква тешка и комплицирана операција, секое утро, без исклучок возам велосипед од населбата Влае до Ново Лисиче (20-22 км), а назад се враќам пеш, туркајќи го велосипедот“, објаснуваше со задоволство Ѓеорги. Тој има и други болести кои редовно ги контролира и следи насоките на докторот.

Му посакуваме на Ѓеорги да остане витален уште долги години и континуирано да си го одржува здравјето.