00389 2 3091 484
март 03,2015
Голем човек – силна жена, медицината е нејзиниот живот
Д-р Тања Анѓушева медицинскиот директор на Специјалната болница по хируршки болести “Филип Втори“ е избрана за жена менаџер за 2014 година. Маркетинг агенцијата „Марили“ е идеен творец на ова несекојдневно посветување на жените менаџери и нивно јавно признание за она што се нарекува изминат труд и резултати. Нејзиниот генерален менаџер г-ѓа Лидија Трипуноска традиционално 19 години ги прогласува најуспешните жени кои се на раководни позиции, првенствено во приватниот сектор. Секоја година во „Избор на жени менаџери од Р.Македонија и дијаспората“ се претставуваат 10 лауреатки. Чест за организаторот беше присуството на Академик д-р Жан Митрев кој сношти ја отвори манифестацијата. И не случајно тој, бидејќи е пример и поттик како со врвна едукација, посветеност, храброст и верба во себе може светот да дознае за една успешна македонска приказна, препознаена во болницата „Филип Втори“. При неговото обраќање ги потсети присутните за неколку вистини поврзани со борбата на жената низ историјата, за своето место под Сонцето. Посакувајќи им уште многу успеси на жените во сите полиња на нивното дејствување д-р Митрев за прв пат откри и еден момент за новата болница која наскоро треба да ја отвори. Истата ќе има ново име , име на жена.
Нашата д-р Тања Анѓушева е супспецијалист кардиолог , во болницата „Филип Втори“ е од нејзиното основање од 2000 година. Таа беше првиот и вистинскиот избор на лекар од страна на д-р Митрев. Потекнува од семејство во кое за хуманоста и борбата на здравјето се зборувало уште кога таа ги имала годините на дете. Нејзиниот татко исто така бил доктор и таа сакајќи да помага,тргнала по неговите стапки, ја одбира најхуманата професија за свој живот. Визијата на д-р Митрев за едукација на сопствениот кадар, во 2004 година и овозможува на д-р Анѓушева надградување на знаењето во престижниот Дојче Херц Центрум во Берлин.
За стручноста и посветеноста на д-р Анѓушева во неколку наврати признанија и оддава и светот . Меѓу многуте награди би ги истакнале : Награда за најдобра усна презентација и најдобра аудио и визуелна презентација на 6-от Интернационален Конгрес на Интернационалното здружение за минимално инвазивна кардиохирургија . Награда за најдобар case report на 10-тиот годишен состанок, CTT, Мајами, САД. Признание за професионализам како лекар од Министерство за Одбрана на Р. Словенија, Словенски корпус SICON 17 KFOR.
Таа е коавтор на повеќе стручни трудови со д-р Митрев, како и со други колеги врвни лекари од матичната болница но и од други држави. Член на голем број светски здравствени, кардиолошки здруженија и асоцијации.Како одговорна на одделот за интензивна нега секојдневно е на линијата помеѓу животот и смртта, пациентите во неа гледаат спасител, таа која ќе ги извлече, која ќе го најде вистинскиот начин тие да преживеат. Како што пишува во пораката на една пациентка: „ Д-р Анѓушева е мојот ангел чувар“. Прва во борбената линија, таа, но заедно со сите нејзини колеги . А , ако ги прашате нив каква колешка е д-р Анѓушева тие се едногласни во одговорот. Енергична, несебична која знае да донесе одлука, но знае да ги понесе и последниците од истата . Жена која е беспрекорен тимски работник , во која гледаат и пријател и претпоставен, искрена и упорна во остварување на работните обврски. Предност и чест да се работи со неа, голем другар, вистинска жена на вистинско место.
Манифетсацијата годинава се одржа под мотото „Зрдавјето и убавината во функција на современата жена“. Во рамки на тематскиот дел кој се случуваше ден порано свое предавање имаше д-р Милка Клинчева специјалист интернист од нашата болница. Таа аудиториумот го едуцираше за значењето на превенцијата на болестите и последиците од негрижата за сопственото здравје. Ставајќи акцент на здравјето на жената која е постојано на крстосницата помеѓу домот и работата.