Закажете преглед

Закажи преглед

389 2 3091500

10.04.2019

Прес конференција во Клиничка болница Жан Митрев

По повод двомесечното функционирање на договорот за јавно-приватно партнерство меѓу државата и клиничката болница „Жан Митрев“, направени се 10 успешни кардиохируршки операции кај мали деца.

Академик Жан Митрев на денешната прес-конференција изрази задоволство од досегашната работа посебно затоа што прв пат приватното и јавното здравство покажуваат дека не треба да се гледаат како конкуренти туку преку соработка да понудат врвен квалитет и услуги за пациентите од земјава и од странство.

– Ова е голем пресврт во медицината кај нас бидејќи нудиме врвни услуги и се отвораат нови работни места. Посебно ми е мило што се создаваат атрактивни услови

за враќање на нашите доктори кои работат во странство. Веќе имаме пример за враќање на наш анестезиолог кој во моментов работи во Кувајт, а имаме најави и за враќање на наши медицински лица од Германија. Првпат се случи здружување на квалитетот и стручноста, поддржано од Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување, што е голем пресврт кој веднаш дава резултати. Остваривме и услови за нови вработувања, па имаме над 150 нови вработени, од кои повеќе од 30 се доктори – истакна директорот на болницата, академик доктор Жан Митрев.

Резултатите покажуваат дека соработката за детска кардиохирургија е одлична при спојот на експертизите од јавното и приватното здравство. Моделот се покажува како успешен и е воден од доктор Жан Митрев, кој воедно започна со детска кардиохирургија во земјава. Сите деца кај кои се изведени интервенции се во добра здравствена состојба.

Соработката во областа на детската кардиохирургија ги намали бариерите што постоеја меѓу државните и приватните болници. Пациентот има одлични услови и врвна медицинска грижа од доктори од јавниот и приватниот сектор кои работат заедно.

Според министерот за здравство Венко Филипче, децата со најтешки срцеви маани се лекуваат во одлични услови по највисоки стандарди. Тој објасни дека Фондот за здравство целосно ги покрива трошоците за лекување, а се заштедува зашто не се плаќа за странски експерти.

– Операциите што се изведуваат се на товар на Фондот за здравствено осигурување, што значи дека за пациентите интервенцијата е покриена од ФЗО, и за ист трошок како во јавното здравство имаме апсолутно подобри услови за пациентите, како и подобри услови за работа на нашите лекари. Ова е модел каде имаме дополнителна финансиска стимулација за докторите и медицинските сестри, каде нема поголеми трошоци за Фондот за здравство, а услугата е неспоредливо подобра. Нашите очекувања се дека за кус временски период овој центар ќе стане регионален центар. Условите кои ги нудат се акредитирани според највисоките американски стандарди и се без конкуренција во регионот, а ценовно подостапни за пациенти од странство. Овој проект покажа дека соработката на јавниот и приватниот сектор може да ги подобри условите за лекување на пациентите и е еден од начините да го задржиме нашите доктори во земјава. Критикувани бевме дека ќе затвораме болници, но уште еднаш потенцирам дека не станува збор за затворање на болници, туку за модел на нивно унапредување, каде за истите пари од фондот ќе добиеме подобри услови за работа и подобри услови за пациентите – изјави министерот Филипче.

Д-р Владимир Чадиковски објасни дека пет од оперираните деца биле помали од 1 година, а останатите биле над 1 година.

– Сите операции се успешни. За жал, не опериравме две дечиња затоа што беа неоперабилни. Успеваме да се погрижиме и за најтешки случаи на срцеви маани – вели д-р Чадиковски.

Во наредниот период се очекува во оваа Zan Mitrev Clinic да се оперираат и деца од странство.

  • 570
    Shares