Закажете преглед

Закажи преглед

00389 2 3091 484

16.03.2018

Самит на малите земји – Нови трендови во бизнисот

 

Жестоката конкуренција на светскиот пазар ги тера компаниите постојано да се приспособуваат на новиот начин на работа за остварување на постојан пазарен успех. По тој повод, Стопанската комора на 16 март 2018 организираше конференција насловена „Самит на малите земји – Нови трендови во бизнисот“ во аудиториумот на „Жан Митрев“ Клиника во Скопје.

Пред истакнатите домашни и странски претставници од бизнисот, науката и државните институции, се обрати заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања Проф. д-р Кочо Анѓушев, кој во својот поздравен говор истакна дека малите земји, како Република Македонија, мора да бидат отворени кон целиот свет, а преку владеење на правото и стабилна состојба во државата да се создаде основа за водење на бизнис.

Академик д-р Жан Митрев во својот говор, на отворањето, на тема „Технологијата во функција на здравјето“ истакна дека медицината треба да биде економски оправдана, но никако не смее да се претвори во бизнис. Ги сподели своите мотиви за изградба на една супер модерна болница изградена според највисоките стандарди за екологија, енергетска ефикасност и обезбедување на најбезбедни услови за медицинска работа и престој на пациентите, потврдена со добивањето на акредитација за работа според американскиот JCI стандард. Болниците, без оглед дали се приватни, се од јавен интерес и потребни се даночни олеснувања и државна поддршка за нивната работа.

Навремената дијагноза и навремената терапија се најголемите придобивки од примената на новите медицински технологии во здравството, истакна во своето обраќање д-р Тања Анѓушева, супспецијалист кардиолог во „Жан Митрев“ Клиника. Таа информираше дека кардиоваскуларните и малигните заболувања се причина за најголем процент на смртност во повеќе земји, меѓу кои се САД и Македонија. Преку задолжителните систематски прегледи и раното дијагностицирање на овие болести, заклучи таа, се остваруваат големи заштеди во лекувањето.

Овогодишната конференција ги обработи темите поврзани со „blockchain“ технологијата и поврзаната регулатива, „crowdfunding“ моделите на алтернативно финансирање на бизнисите, роботика и автоматизација во корист на бизнисот и, секако, етичката страна на дигиталниот пазар.

Учество на панел дискусиите земаа истакнати домашни и странски претставници од бизнисот, науката и државните институции.