Закажете преглед

Закажи преглед

00389 2 3091 484

28.02.2020

Zan Mitrev Clinic одбележува денес 20- годишен јубилеј

Почитувани,

За среќата се вели дека е единствената работа која се множи кога се дели, а ние сме пресреќни што токму денес ќе можеме со вас да споделиме уште еден убав момент, убав настан со убав повод.

Денес, на 1 март 2020 година е датумот на кој „Zan Mitrev Clinic“ ќе го одбележи својот 20-годишен јубилеј, па по тој повод во хотелот „Александар Палас“ се предвидени низа активности со кои ќе биде одбележан овој за нас мошне значаен датум и јубилеј. Активностите ќе почнат точно напладне со симпозиум на тема: „Развој на кардиоваскуларната хирургија во последните 20 години“, а во кој учество ќе земат низа врвни стручњаци од оваа област: проф. д-р Марко Турина, поранешен директор на клиниката за кардиоваскуларна хирургија при Универзитетската болница во Цирих, Швајцарија и поранешен претседател на Европското здружение за кардиохирургија; проф. д-р Мартин Костолни, директор на одделот за клинички услуги за кардиоторакална хирургија, Грејт Ормонд стрит – болница, Лондон, Англија; проф. д-р Џорџ Е. Саррис, директор на Институтот за срцева хирургија Атина, Грција; проф. д-р Стивен Бибевски„Џо Димаџио“ детска болница институт за срце, трансплантација на срце и механичка срцева поддршка, Холивуд, Флорида, САД; проф. д-р Слободан Илиќ, директор на одделот за кардиохирургија при Универзитетска детска клиника “Тиршовa”, Белград, Србија; проф. д-р Дитмар Шранц, Детска кардиологија, Универзитет „Јохан-Волфганг Гете“ во Франкфурт, Германија; проф. д-р Сотириос Прапас, директор на одделот за кардиохирургија „Хенри Дунант“ болнички центар, Атина, Грција; проф. д-р Иван Кнежевиќ, директор на центарот за трансплантација, оддел за кардиоваскуларна хирургија, Универзитетски клинички центар Љубљана, Словенија; проф. д-р Јорг Бабин Ебел, Клиника за кардиоваскуларна хирургија, „Бад Нојштадт“, Германија, проф. д-р Бојан Биочина, директор на одделот за кардиохирургија при Универзитетска болница „Ребро“, Загреб, Хрватска; д-р Милан Миовиќ, општа болница „Медигроуп“,Белград, Србија; проф. д-р Антон Мориц, поранешен директор на одделот за кардиоваскуларна и торакална хирургија на Универзитетската клиника за торакална и кардиоваскуларна хирургија во Франкфурт, Германија. Честа да го заокружи симпозиумот ќе му припадне на акад. д-р Жан Митрев, директор на „Zan Mitrev Clinic“.

По завршувањето на симпозиумот (по 17 часот) за сите гости е предвидена коктел-забава со богата програма, во чии рамки дружењето продолжува во неформална и опуштена атмосфера, со срца отворени за размена на мислења, насмевки и убава енергија за која дополнително ќе се погрижат музичкиот виртуоз, уникатниот Павле Камилоски во придружба на камерен оркестар, како и музички хирург Влатко Стефановски, кој заедно со својата придружба ќе ја зачини славеничката атмосфера.

Со почит,

Zan Mitrev Clinic