00389 2 3091 484
јули 07,2018
И оваа година, од 9-ти до 15-ти јули се одржа традиционалниот летен камп „Моето срце во сите бои – HEROES‘ CAMP“ на којшто учествуваа деца кои имале интервенции или операции на срце во ZANMITREV CLINIC заедно со нивните родители, браќа и сестри. Како таков кампот се одржува за првпат во 2008 година. Кампот е во заедничка соработка со Црвениот крст на град Скопје и се одржа во прекрасниот амбиент на одморалиштето „Солферино“ во Струга.
Низ опуштени, креативни работилници волонтерите на Црвениот крст во координација со тимот на ZANMITREV CLINIC кој се состои од психолози – психотерапевти, лекар и од лани и физиотерапевт заедно со децата создадоа весела и разиграна атмосфера низ која секое дете успеа да добие многу работи за себе. Пред сè овие работилници им овозможија на децата да креираат нови прекрасни пријателства, да добијат поддршка и да ги истражат нивните потенцијали. Од овој камп произлегле и можности за идни другарувања, а благодарение на тимот на Црвен Крст децата имаа можност да научат како правилно да се подготват за на планина и да пробаат како се прави премин преку река и што значи безбедноста.
Имајќи предвид дека дишењето ни е најголемата поддршка, Блаже Арсов, физиотерапевт од нашата болница низ разиграна работилница со децата и волонтерите работеше на техники на правилно движење, моторика на тело и координација, три битни аспекти од развојот на секоја индивидуа. Работилница со иста тематика, креирана за возрасни лица беше одржана и со родителите.
Низ структурирана групна работа, психологот и психотерапевт Фросина Ристовска со родителите обработи теми од посебен интерес за нив како што се мапирање на нивните потреби, грижата за себе за подобра грижа за другиот и комплексноста на комуникацијата во родителствувањето. Воедно низ сите работилници со децата имаше можност за работа на нивните здрави потенцијали и градење на самодоверба.
Д-р Петар Угуров, одржа едукативно предавање за родителите и сите заинтересирани во кое ги запозна со природата на вродените срцеви маани, а акцент стави на спецификите за унапредување на квалитетот на живот кај нивните деца по интервенциите или оперативните зафати.
На овој камп имавме доволно време за интензивна работа на себе, едукација, релаксација и дружење. Од се по нешто. Се надеваме дека и со овој летен камп, ZAN MITREV CLINIC помогна во рушење на табуата поврзани со вродените срцеви маани и сплоти дел од семејствата кои поминувале низ слична животна приказна. Продолжуваме и понатаму да го трасираме патот кон нови успешни интервенции.