Што е ДВТ или длабока венска тромбоза?

Дневна доза здравје

ноември 11,2022

ДВТ е абнормално згрутчување на крвта кое што се развива во длабоките вени, обично оние на ногата или карлицата и е се почеста појава, како кај помладата така и кај постарата популација.
Големите згрутчувања (ДВТ) може да се движат од вените на ногата или карлицата и да поминат низ венскиот систем патувајќи кон срцето, а потоа и кон белите дробови. Тие може да предизвикаат сериозни кардиоваскуларни проблеми, а во случај кога се засегнати белите дробови тогаш станува збор за белодробна емболија која е исклучително сериозна медицинска состојба која може да биде дури и фатална.

Повеќето ДВТ згрутчувања се мали, безопасни и се решаваат со релативно едноставен третман. Често пати, при недијагностицирана состојба, пациентите болката ја опишуваат како „истегнати мускули“ или други болки во нозете. Ова состојба може да се дијагностицира навремено со флеболошки/ васкуларен преглед на венски системи од страна на доктор специјалист.

Можните симптоми на ДВТ – длабока венска тромбоза може да се манифестираат со:

  • Ненадејна болка во ногата без очигледна причина која е лоцирана над коленото, под коленото или и во двете точки
  • Оток само на глуждот, глуждот и листот на ногата, потколеницата или надколеницата или целата нога
  • Силна болка во ногата – особено при стоење или одење
  • Топлина во областа на отокот
  • Понекогаш кожата може да биде малку поцрвена, но тоа е поретко

ДВТ обично влијае на едната нога, но понекогаш може да ги зафати и двете.
Кај најголем дел од пациентите, нема никакви симптоми или знаци на предупредување. ДВТ се дијагностицира само доколку се појави компликација.

Кога треба да побарате стручна медицинаска помош?

Доколку не сте сигурни дали страдате од ДВТ или која било друга венска состојба, од витално значење е да посетите доктор специјалист кој преку одредени лабораториски анализии кои најчесто ги вклучуваат и вредностите на Д-димерите и преку извршен преглед со доплер на вени и артерии на екстремитетите, може да ја воспостави точната дијагноза и да ви понуди персонализиран медикаментозен третман или хируршки третман во потешките случаи.

Доколку ДВТ се дијагностицира и третира веднаш/ навреме, во повеќето случаи згрутчувањето ќе се раствори и вената ќе се врати во нормала. Доколку има доцнење во дијагнозата и третманот, или доколку има повторливи ДВТ на истата нога, длабоките вени може да се оштетат и да престанат да функцијонираат правилно. Ова предизвикува посттромботичен синдром (ПТС) кој може да предизвика хронична болка и отекување на ногата, со промена на бојата и често чиреви на нозете.

Исто така многу е важно да се знае на што се должи згрутчувањето. Може да се појави како резултат на проширени вени, компресија во вените, промени во крвта (како резултат на дехидрација, пушење и примање на одредени лекови), но може да се појави и како знак на друга болест. Долгите патувања и неподвижноста се исто така фактори кои придонесуваат за појава на оваа состојба.

Во Клиничката болница Жан Митрев, на располагање ви стои стручен тим од трансфузијолози и васкуларни хирурзи кои ви нудат решение за сите ваши проблеми од оваа област.

Цената на прегледот е 2500 денари.
Закажете го вашиот преглед на 02 3091 484