август 08,2020
Терминот менопауза го означува крајот на менструалните циклуси и се јавува во текот на четвртата или петтата деката од животот на жената. Медицински прецизно дијагноза за менопауза се поставува кога поминале минимум 12 месеци од последниот менструален циклус. Иако помеѓу народот менопаузата е „озлогласена“ и многу често незаслужено се употребува во негативна конотација, не треба да заборавите дека менопаузата е природен биолошки процес. Сепак, без разлика на природата на самиот процес, менопаузата со себе носи одредени предизвици кои различно делуваат кај секоја жена.
Самата менопауза може да се подели на три временски периоди:
- Перименопауза – трае од 8 до 10 години пред менопаузата и тоа е периодот кога вашите јајници започнуваат да создаваат се помалку естроген
- Менопауза – го означува прекинот на менструалните циклуси најмалку 12 месеци наназад
- Постменопауза – временскиот период откако официјално ќе биде утврдена менопауза (карактеристичните тегоби започнуваат да се намалуват и потоа исчезнуваат).
Најчестите симптоми кои се јавуваат во периодот до менопауза се:
- Нерегуларни менструални циклуси
- Сувост на вагината
- Епизоди на чувство на топло и неконтролирано препотување т.н. hot flashes
- Ноќно потење
- Потешкотии со спиењето
- Промени во расположението
- Зголемување на телесната тежина
- Проретчување на косата
- Огрубување и задебелување на кожата
Важно е да знаете дека секоја жена е уникатна на свој начин, па така и симптомите се значително варијабилни по квалитет и квантитет.
Дијагноза за менопауза се поставува лесно, односно се прави евалуација на хормоните од венска крв, со лесен неинвазивен тест. Дополнително, се препорачуваат редовни гинеколошки прегледи, мамографија, проверка на глуциден и липиден статус, а во зависност од медицинската историја може да се препорача и проверка на тироидниот хормонски статус.
Како и секоја животна промена, така и менопаузата со себе си носи одредени ризици и компликации:
- Остеопороза – густината на вашите коски се намалува и тие стануваат лесно кршливи, поради што е потребно да се јавите на преглед за евалуација
- Кардиоваскуларни болести – со намалување на концентрацијата на естрогенот ризикот за кардиоваскуларни болести се зголемува. Се препорачува мониторирање на крвниот притисок, како и да се направи кардиоваскуларна проценка
- Уринарна инконтиненција – ткивото на вашата вагина ја губи еластичноста, како резулат на што притиска на мочниот меур
- Нарушена сексуална функција – вагиналната сувост и нарушениот еластицитет на вашата матка можат да го направат целото искуство непријатно, поради што многу жени целосно ги прекинуваат сексуалните односи
- Додавање во телесна тежина – кога жените во менопауза се јавуваат на преглед и кажуваат дека не јадат ништо, а се дебелеат – не лажат. Метаболизмот драстично се успорува, поради што многу често е потребно да се намали до тогаш вообичаениот дневен калориски внес само за да се задржи телесната тежина
Очекуваната менопауза е природен процес и како таков не се лекува, а третманот се фокусира на олеснување на симптомите и справување и менаџирање на евентуалните компликации. Доколку имате потешкотии кои не можете да ги совладате и размислувате за фармаколошка терапија, никогаш не ја земајте на своја рака, консултирајте се со вашиот ендокринолог.
Совети за полесно справување со симптомите
- Облекување во слоеви, со цел да можете да соблечете голем дел од облеката при појава на топлите бранови и да спречите препотување. Избегнувајте тригер фактори како топли пијалоци, зачинета храна, големи количини кофеин или алкохол, шетање по топло време
- Намалете го вагиналниот дискомфорт и користете одобрени вагинални лубрификантни кои се направени на основа на вода. Избегнувајте ги тие што содржат глицерин, заоа што можат да ви предизвикаат иритација. Зачувување на сексуалните навики овозможува проток на циркулација низ вагината
- Спијте во доволни дози, имајте редовна физичка активност, внимавајте и хранете се балансирано и здраво, пијте вода
- Најдете си начин на релаксација, време кое ќе го одвоите само за вас. За некои тоа е слушање на омилената музика, за некои е читање на омилената книга, за некои протешка низ паркот.. Одберете го тоа што вам ви одговара.
- Зацврстете ги пелвичните мускули со кегелови вежби, кои ќе ви ги олеснат и симптомите на уринарната инконтиненција
- Прекинете со пушење
Сите овие промени несомнено влијаат на животот на жената, го менуваат секојдневието и перцепцијата за животот. Не заборавајте дека не сте сами во овој период, илјадници жени пред вас се справувале со истите тегоби и уште илјадници после вас ќе поминуваат низ истото. Не се срамете од целиот процес, бидете горди на себе и свесни за убавината што ја носи секој период од животот Но, пред се бидете информирани во врска со здравствените предизвици кои со себе ги носи оваа доба и редовно иследувајте се.
Д-р Надица Божиновска
Специјалист по ендокринологија