Влијание на „Слип апнеа“ синдром врз појава на дијабетес мелитус тип 2

Дневна доза здравје

април 15, 2015

Влијание на „Слип апнеа“ синдром врз појава на дијабетес мелитус тип 2

Модерниот начин на живот во голема мера влијае на модифицирање на навиките за спиење. Времетраењето на периодот поминат во спиење со тек на децениите се скратувал од 8 на 6,5 часови во просек. Работењето во смени , патувањето во различни временски зони, недоволното време поминато во спиење се фактори кои водат кон пореметување на циркадијаниот ритам и дисинхронизираност на главната хипоталамично-хипофизна оска.

Слип апнеа означува престанок на дишење кое е со кратко времетраење во текот на сонот (10, 20 секунди). По што оној кој има проблем почнува да се бори во сонот за воздух. Тој циклус трае еден период но може и цела ноќ, а оној што го има проблемот не е свесен за тоа. Слип апнеа е синдром кој се јавува кај 4 – 15% од популацијата, поврзан не само со пореметување на спиењето, туку и со повторувачки падови на сатурацијата на хемоглобинот со кислород во тек на спиењето. Епидемиолошките студии го идентифицирале пореметеното спиење и како индивидуален ризик фактор за кардиоваскуларниот морбидитет и морталитет.

Пореметувањето на спиењето многу често е поврзано со пореметената гликорегулација ,поточно со метаболниот синдром и дијабет од типот 2. До овие сознанија е дојдено во тек на истражувањата правени со цел да се утврди поврзаноста помеѓу метаболните нарушувањеа и слип апна синдромот.Утврдена е поврзаност помеѓу неадекватниот квалитет на спиењето со гликозната интолеранција, инсулинската резистенција и дисфункција на Бета клетките во Лангерхансовите островца на панкреасот. Секако тука е земена в предвид и улогата на хипоталамично-хипофизарно-надбубрежна оска и нејзиното влијание на пореметување во метаболизмот на маснотиите, активацијата на симпатичкиот нервен систем и оксидативниот стрес на ткивата .Во тек на овие истражувања доједено е до заклучок дека постои адиционална поврзаност помеѓу слип апнеа синдром , интермитентната хипоксија, нарушувањето на спиењето и патогенезата на дијабет мелитус од типот 2.