00389 2 3091 484
март 03,2017
“Лабораторијата за генетика и персонализирана медицина, за само три месеци постави цврсти темели за развој на македонската генетика. Со ова истражување, каде што направивме анализа на цели геноми, предвремено утврдиме ризик од одредени заболувања кај овие лица. Уште пред да се појават симптоми за одредени болести се утврди потенцијалниот ризик од развивање на рак, дијабетес, срцеви заболувања и др. Исто така, утврден е и нивниот одговор на стрес, одредени лекови, исхрана.. “. Ова денес го изјави д-р Горан Кунгуловски и на конференцијата пред новинарите, на која обраќање имаше и д-р Иван Кунгуловски проф. д-р Мирко Спироски. Тие објаснија за значењето на проектот кој беше посветен на секвенционирање на неколку човечки геноми и десетици човечки егзоми (дел од геномот кој кодира за протеини), нешто што е за прв пат направено во регионот.
“Иако ова е едно од најголемите достигнувања на македонската наука, ние не застануваме тука. Нашата интенција е во наредниве неколку години да започнеме проекти што ќе се викаат “1000 македонски геноми” и “Геном за секое новородено бебе” со што персонализираната медицина ќе се демократизира и ќе стане достапна за сите“, објасни д-р Горан Кунгуловски. Секвенционирањето на првиот човечки геном во 2003 година е едно од најголемите достигнувања на цивилизацијата. Проектот за човечкиот геном (Human Genome Project) започнал во 1990 година, траел 13 години, и изнесувал 2.7 милијарди долари, во кој биле вклучени стотици научници од различни институти и приватни компании. Со развојот на нови и напредни технологии за ДНК секвенционирање, брзината и цената на овие анализи се драстично намалени, а истовремено прецизноста е за многу пати зголемена. Секвенционирањето на целосни геноми и егзоми е првиот чекор кон еден нов пристап во медицината, што се вика персонализирана медицина. За разлика од стандардната медицина којашто е реактивна, овој пристап е проактивен, односно однапред се откриваат потенцијалните ризици за развивање на болести како рак и срцеви заболувања и слично, уште пред да се појават нивните први симптоми. Исто така однапред се утврдува и нашиот личен одговор на одредени лекови лекови, најсоодветната исхрана и слично.