Магнетна резонанца на простата

Дневна доза здравје

ноември 4, 2020

Кај возрасен маж, простатата е голема како орев или костен. Таа е сместена под мочниот меур, на основата на машкиот половен орган и непосредно пред аналниот отвор. Низ средина на простатата поминува мочниот канал кој ја празни мочката од мочниот меур, на патот кон врвот на пенисот.

Простатата лачи сок кој е составен дел на спермата при ејакулацијата.

Најчесто бенигно заболување на простата е бенигна простатична хиперплазија (БПХ). Преваленцата на БПХ прогресивно расте од четвртата деценија со преваленца од 8%, до дури 82% во осмата деценија на животот.

Во Евро­па и кај нас има дра­стич­но зго­ле­му­вање на бројот на бол­ни­те и со кар­ци­ном на про­ста­та. Во Ма­ке­до­ни­ја ра­кот на про­ста­та е трет на ли­ста­та на кар­ци­но­ми кај ма­жи­те, а ре­дов­ни­те прег­ле­ди зна­чат и нивно рано откривање и из­ле­ку­ва­ње.

Испитувања кои треба да се направат се: анамнеза, физикален преглед на абдоменот, дигиторектален преглед на простата, ехотомографијa на УГТ, транс-ректален ултразвучен преглед (ТРУС) на мочен меур и простата. Потоа преглед на урина, уринокултура, спермокултура, секрет на простата, крв, тотален ПСА, слободен ПСА, КТ урографија и како најнов и најсофистициран преглед – МРИ на простата.

Магнетна резонанца (МР) на простата е неинвазивно амбулантско испитување со помош на магнетни полиња, радиобранови и компјутерско-софтверски апликации за продукција на слики од простатата со изразено висок квалитет. Тоа испитување е безопасно, а дава најдобра визуелизација на простатата, најрано го открива карциномот на простата идоколку се открие овозможува и ТНМ стејџинг, односно раширеност на карциномот и евентуално зафаќање на соседните анатомски структури.

Единствено треба да се внимава ако пациентот има вградено некои медицински помошни апарати како пејсмејкер, срцев дефибрилатор, потоа некои ортопедски метални импланти и сл. Пред преглед на МР на простата нема потреба од никаква претходна подготовка на пациентот. Пациентот си ја зема редовната терапија ако ја има, а доколку пациентот има клаустрофобија треба да се сигнализира на докторот за да се интервенира со некој седатив или по  желба на пациентот и со анестезија за време на прегледот.

Д-р Ѕвонко Атанасов
Специјалист по радиодијагностика