00389 2 3091 484
мај 5, 2021
Светскиот ден на хигиена на раце е посветен на подигнување на свеста и потенцирање на важноста на миењето раце со вода и сапун како лесен, ефикасен и прифатлив начин на превенција од заболувања и со тоа спасување живот. Најчестиот начин на пренесување на микроорганизмите се рацете на човекот. Токму тој едноставен чекор – миење раце, е ефикасен за спречување на пренесување на стомачни болести, респираторни, кожни инфекции, инфекции на очи, како и цревни глисти.
И оваа година миењето раце ја добива вистинската вредност за сите нас. Пандемијата со коронавирусот потврди дека прва мерка во превенција на пренос на заразни болести е токму хигиената на рацете.
Статистиката кажува дека:
• секоја година 4 милиони деца до 5 годишна возраст умираат заради цревни заболувања или пневмонија во земјите во развој, што значи секои 15 секунди умира дете од овие болести
• пневмонијата е водечка причина за смртност во таа возраст, и со спроведување на соодветно миење раце инциденцата може да се намали за 25 %
• дијареални болести се втора водечка причина за смртност во таа возраст. Спроведување на адекватно и во вистинско време миење на раце со сапун и вода ја намалува инциденцата на стомачни болести на половина.
Миењето раце е секојдневна рутина, континуирана пракса и треба да се прави на соодветен начин, доволно долго и во вистинско време.
Кога е особено важно?
• Пред, за време на и по подготвување на храна
• Пред јадење
• По користење тоалет
• По кивање, кашлање или допирање на носот
• По контакт со животни или нивен измет
• По контакт со отпадоци
• По промена на памперс
• Пред и по контакт со болен или повреден човек
• Пред и по посета на болнички оддел
Во болничи услови иако хигиената на раце подразбира миење раце со вода и сапун и дезинфекција на раце, овие две постапки нетреба да се поистоветуваат. Инфекциите се сериозен проблем во здравствените установи:
• Секоја година 2 милиони пациенти добиваат болничка инфекција
• 90.000 од нив умираат од здобиената инфекција во болница
Ние точно знаеме кога е потребно користење вода и сапун, а кога од алкохолен дезинфициенс. Рутински практикувана е хигиена на раце со алкохолен дезинфициенс, но миењето со вода и сапун е незаменливо кога рацето се видливо нечисти или контаминирани (во случај кога сме дошле во контакт со телесни течности). Миењето раце е избор и кога се манипулира со пациенти кои имаат спорогени бактерии како што е случај со Clostridium difficile. Во останатите ситуации хигиена на раце со алкохолен дезинфициенс е оправдана по ефикасност, потребно време и достапност.