00389 2 3091 484
август 13, 2025
Секој ден во нашето тело се произведуваат и циркулираат десетици различни хормони. Кај жените, еден хормон е особено одговорен за голем број проблеми и тегоби, тоа е естрогенот.
Можеби тој е најпознатиот и најчесто спомнуван хормон кај жените. И не е ни чудо: дисбалансот на естрогенот предизвикува бројни здравствени проблеми кај жените.
Кога нивото на естроген е над нормалата, односно се лачи зголемена количина на естроген, можат да се појават проблеми како што се: несоница, зголемување на телесната тежина, варирање на килограмите, бавен метаболизам, проблеми со репродуктивниот систем како синдром на полицистични јајници, а и проблемите со косата и кожата се прилично чести.
Знаци дека вашето тело не произведува доволно естроген се: намален сексуален нагон, нестабилни емоции, зголемување на телесната тежина, депресија, анксиозност и опаѓање, проретчување на косата. Ова се само дел од симптомите.
Но, нарушувањата на хормонскиот баланс може да предизвикаат и други пореметувања во организмот. Затоа, доколку имате какви било симптоми или прашања во врска со нарушените нивоа на естроген во вашиот организам, консултирајте се со лекар.
Имајќи го во предвид сето ова, предлагаме 5 корисни начини како да одржите добро ниво на естроген:
– Утврдете дали дигестивниот систем ви функционира нормално
Истражувањата покажуваат дека правилното функционирање на вашите црева игра улога во одржување на рамнотежата не само на естрогенот, туку и на сите останати регулациони механизми на хормоните општо. Проблеми како што е оштетувањето на цревната обвивка, познат како зголемена интестинална пропустливост или синдром на протекување на цревата, но и други дигестивни проблеми, може да укажуваат на тоа дека нема доволно корисни бактерии што ги обложуваат вашите цревни ѕидови. Тоа пак значи дека можеби ќе биде потребно да се зголеми внесот на пробиотици. Прашајте го вашиот лекар или нутриционист за избор на квалитетен пробиотик и како да го вклучите во вашата секојдневна рутина на додатоци во исхраната. Секако корисно е конзумирањето на ферментирана храна како комбуха, кефир или кисела зелка.
– Подобрете ја вашата исхрана
За да поддржите правилната хормонална функција, зголемете го внесот на овошје и зеленчук. Користете масла што се богати со масни киселини и омега-3, како што е маслиновото масло. Избегнувајте високо преработена храна и засладени производи.
– Одберете ЕКО
Хемикалиите во домаќинството на кои сме изложени секојдневно може да играат улога врз ендокриниот систем, што влијае на рамнотежата на естрогенот. На пример, пластичните садови за храна, често содржат хемикалии кои се штетни за ендокриниот систем, како што се BPA. Исто така голем дел од средствата за чистење и козметичките производи содржат синтетички супстанции кои дејствуваат како природни хормони во телото, а не се. Доколку внимателно изберете поприродни брендови средства за чистење, нега на кожа и шминка, можете истовремено да влијаете позитивно на животната средина и сопственото здравје.
– Престанете да се стресирате
Високото ниво на стрес е поврзано со дисбаланс на хормоните, вклучувајќи го и естрогенот. Така при стрес, нашето тело произведува кортизол кој има за цел да се справи со стресот. Но за да се создаде кортизол потребно е да има прогестерон кој е друг женски хормон контратежа на естрогенот. Ова во превод би значело повеќе стрес, повеќе кортизол, помалку прогестерон односно нарушена рамнотежа, сооднос прогестерон-естоген. Што значи дека естрогенот повеќе не е „под контрола“ туку има можност да се зголемува.
Обидете се да го намалите стресот со тоа што ќе одвоите време за себе, за медитација, прошетка, рекреација или читање добра книга. Забавувајте се и грижете се за себе и вашето ментално здравје.
– Спијте повеќе
Телото се обновува додека спиете, а регулирањето на хормоните е дел од циклусот на обнова на телото. Ако не спиете доволно, хормонската нерамнотежа може да биде една од последиците. Обидете се да ја направите поудобна вашата просторија за спиење со помош на тивка музика, завеси што блокираат светлина или нова перница. Сето тоа може да помогне.
Доколку имате некој од симптомите наведени погоре или сте загрижени за вашиот хормонален статус, нашиот медицински тим ви стои на располагање со цел да се идентификуваат потенцијалните проблеми и да се направи пригоден план за третман. Контактирајте нѐ на 02 3091 484