8 најчести здравствени проблеми во лето и како да се третираат?

Дневна доза здравје

јули 07,2023

Летото е во полн ек. Долгите сончеви денови повикуваат на активности покрај вода изложени на сонце и високи температури. За да го искористите максимумот од оваа сезона, вистинско време е да се потсетиме на општите здравствени мерки на претпазливост.

Иако повеќето од нас веќе применуваат соодветни чекори кои вклучуваат добра хидрираност или користење заштитна крема за сончање во текот на топлите месеци, сепак дехидратацијата, топлотниот удар и изгорениците не се единствените здравствени проблеми кои се појавуваат во текот на летото.
Особено се присутни инфекциите и други состојби кои произлегуваат од високите температури, морето или користењето на базените кои како такви го зголемуваат ризикот. Во оваа група летни проблеми спаѓаат:

Надворешен отитис (исто така познат како пливачко уво)

Тоа е инфекција која се појавува на надворешниот дел од слушнот канал и е предизвикана од зголемениот контакт со водата од базените и плажите. За да се спречи ваква инфекција, се препорачува сушење на надворешниот дел на увото и влезот на каналот по напуштање на водата, користење на ушни тампони или капи за капење. Важно да знаете е дека не треба да користите стапчиња за уши или спрееви кои можат да ги променат pH вредностите на кожата на каналот. Во секој случај при појава на непријатност или симптоми посетете оториноларинголог.

Инфекции на кожата

Спортското стапало, кое опфаќа различни процеси на инфекција, како габични така и бактериски, покажува повеќе симптоми во лето, поради зголемена температура и влажност. Истото се случува и со појавата на белите дамки/флеки, кои се интензивираат и стануваат повидливи на исончана кожа, секако поради комбинација со степенот на присуство на влага и температура од околу 30-32ºC, бидејќи тоа се идеални услови за да се размножат.

Друга честа инфекција е кандида вулвовагинитис, која се проценува дека влијае на 90% од жените барем еднаш во нивниот живот. Иако оваа габа е дел од нормалната флора на вагината и дигестивниот тракт, во лето епизодите на вулвовагинитис се зголемуваат поради изложеноста на поголема влажност и температура (долго носење влажен костим за капење).

Дехидрација

Тоа е еден од најчестите проблеми што се јавуваат во лето. Се појавува кога телото губи повеќе вода отколку што внесува/прима. Недостатокот на течности во телото може да ни предизвика вртоглавица, сушење устата. Во топли и сончеви денови, кога се потиме повеќе од нормално, важно е да пиеме многу вода за да останеме хидрирани, дури и пред да почуствуваме жед. Мора да внимаваме на екстремната жед, замор, сува уста, вртоглавица или раздразливост бидејќи тие можат да бидат знак дека сме дехидрирани.

Каснувања од инсекти

Комарците, мувите, осите и разните видови мравки имаат тенденција да се размножуват во топла, влажна клима. Доколку не сме алергични, ќе поминеме само со непријатност на кожата, односно чешање и чувство на печење во областа, црвенило или оток. Но, доколку сме алергични, болката најверојатно ќе биде посериозна и ќе се појават реакции како меурчиња, вртоглавица, отежнато дишење, гадење и сл. Во овие случаи, важно е веднаш да се побара лекарска помош.

Користењето на средства против инсекти, и користење на заштитна облека од сонцето и топлото, како што се лесна долга облека и кошули со долги ракави ќе ни помогнат во превенција. Иако често е неизбежно, најдобро е да не го чешате местото на убодот бидејќи ќе треба подолго време да исчезне и ќе остави трага. Наместо чешање, пожелно е да користите гел за ладење и ублажување на чешањето.

Топлотен удар

Оваа сериозна медицинска состојба предизвикува зголемување на основната температура на телото. Топлотен удар може да настане како резултат на продолжено изложување на прекумерна топлина (работа или вежбање на отворено). Практично станува збор за нарушување на механизмот за препознавање на топло/ладно. Треската и екстремно високата температура на телото може да предизвикаат трајни оштетувања. Знаци кои треба да не алармираат се: конфузија, кратко и забрзано дишење и забрзан пулс.

Изгореници од сонце

Тие се појавуваат кога поминуваме премногу време изложени на ултравиолетово (УВ) зрачење од сонцето. Тоа влијае на живите ткива како што е кожата, ја гори и предизвикува црвенило и иритации, а понекогаш се појавуваат и пликови. Во случај на тешки изгореници, кожата може дури и да отече, да почне да се лупи или да се појави рана.

Иако луѓето со посветол тип на кожа се посклони кон изгореници, сепак секој треба да преземе мерки за спречување на изгореници со редовна употреба на креми за заштита од УВ зрачење. Најчесто изгорениците се подобруваат сами по себе како што одминуваат деновите. Но, треба да побараме лекарска помош ако имаме треска, главоболка и болка на изгореното место. Мора да имаме на ум дека изгорениците од сонце го зголемуваат и ризикот од рак на кожата.

Најдобар начин да се спречи оштетувањето од сонцето е да се нанесе крема со заштитен фактор 50 најдобро 15-25 минути пред изложување на сонце за да и се овозможи на кожата да го апсорбира кремот за сончање. Покрај тоа, мора да избегнуваме изложување на сонце во најтоплите часови од денот (од 11 наутро до 4 попладне).

Стомачен вирус

Високите температури и повеќе активности на отворено (пикник, скара, итн.) се совршени сојузници за патогените бактерии како што е Staphylococcus aureus да се размножуваат во нашата храна и вода. Симптомите на труење со храна, кои може да се движат од благи до тешки, често вклучуваат повраќање, абдоминална болка, дијареа, треска и главоболки.

Важно е да бидете сигурни дека храната се подготвува и складира правилно за да се спречи размножувањето на бактериите. Чистењето, одвојувањето, готвењето и ладењето се основните принципи на безбедноста на храната.