Педијатрите вклучени во едукативен циклус на предавања пред матични лекари

Дневна доза здравје

ноември 29, 2016

Преку ваквите едукации, знаењето стекнато од обемните клинички студии се преточува во упатства кои се засноваат на докази и промовираат конзистентност на третманите, оптималност на исходот и подобар квалитет на животот на пациентите. Како овластен едукатор од Министерството за здравство на Р.Македонија, д-р Наташа Никчевска спроведе едукативно предавање пред матичните лекари од  повеќе општини од земјата. На ден 19.11.2016 во Струмица на предавањето присуствуваа вкупно 34 лекари од Струмица, Валандово и околината, а на 26.11.2016 учествуваа 22 лекари од Тетово и околината.

Согласно претходно утврден распоред, низ циклусот од 10 предавања  беа опфатени предавања за следниве теми: акутно болно доенче, бебе кое плаче, кога да се даде антибиотик, тонзилити кај деца, пневмонии, вакцинација, нарушени резултати од анализа на урина, клиничка употреба на витамини, главоболка, идентификација и справување со сексуална злоупотреба. Низ предавата беа претставувани и примери од секојдневната праска, а се дискутираше и за сценарија/клинички примери. Голем интерес кај учесниците беше забележан при обуката за практична вештина за анализа на урина. Учесниците се стекнаа со потврди за спроведена едукација за матични лекари од областа на педијатријата.

Овие предавања се многу значајни за воведување на унифициран пристап во лекувањето на пациентите. На овој начин ќе се отфлат сите дилеми и сомневања во однос на соодветноста на третманот кај пациентот. Исто така, ќе се идентификуваат оправданите и неоправдани третмани и дијагностички процедури, на кој начин и се заштитуваат пациентите од непотребни, неефикасни и дури и потенцијално штетни постапки.

Во иднина, ќе се продолжи со учество на ваквите важни едукации, со што се придонесува за унифицирано и квалитетно лекување на пациенти.