Ургентна коронарографија и стентирање спасувачки третман на 33 годишен пациент со акутен миокарден

Дневна доза здравје

март 5, 2012

Ургентна коронарографија и стентирање спасувачки третман на 33 годишен пациент со акутен миокарден инфаркт

На 06.02.2012 година во дијагностички центар беше донесен млад пациент на 33 годишна возраст со јака градна болка која почнала 20 минута пред прием. На прием направен ЕКГ, ехокардиографија во прилог на акутен миокарден инфаркт на преден ѕид со СТ елевација. Срцевите маркери сѐ уште беа во граница на нормала. 15 минути од прием (по реализирање на ЕКГ и ехокардиографија) внесен во ангиографската сала и е направена селективна коронарографија (снимање на артериите кои што го хранат срцето) со која се утврди оклузија (100 % запушена) на предната главна артерија на срцето (слика 1).

слика 1

Веднаш се пристапи кон перкутана коронарна интервенција на запушената артерија со што артеријата успешно се отвори и се постави стент на местото на запушувањето. (слика 2 и 3).

слика 2 слика3

Целата процедура од првиот контакт на пациентот во нашата установа до отворање на артеријата и поставување на стент траеше многу кратко, така што за помалку од 40 минути од прием или 60 минути од појава на болка кај пациентот, беше отворена блокираната артерија и се постави стент кој овозможи повторно добивање на крв на мускулот на срцето. Овој брз временски третман е многу значаен кај пациентите со акутен инфаркт, затоа што колку побрзо се отвори запушената артерија на срцето толку е помалку оштетување на мускулот на срцето од акутниот инфаркт. Тоа се покажа и во нашиот случај. Се повлекоа промените на ЕКГ, додека ехокардиографијата покажа дека е зачуван мускулот на срце, без знаци за оштетување на истиот. Пациентот после интервенцијата беше хоспитализиран во тек на 4 дена и 5-иот ден отпуштен дома во одлична состојба и без ехокардиографски знаци за срцево оштетување. Брзиот транспорт и дијагностицирање како и брзиот третман со примарна коронарна интервенција е основен предуслов за зачувување на срцевиот мускул во тек на акутен миокарден инфаркт. ВРЕМЕТО Е МУСКУЛ.