“Фудбалер не станав, но ќе станам успешен физиотерапевт”- Виктор Костадинов

Дневна доза здравје

ноември 19, 2014

Во декември 2003 година, влегов низ вратите на Клиниката за Кардиохирургија “Филип Втори”, како единаесет годишно исплашено дете кое родителите го водат на интервенција на срце. Се редеа слики пред мене, болничка соба, сестри, доктори, сала за операција…

Денес, после 11 години, повторно минувам низ истата врата, истите ходници, сестри, доктори, но сега и јас сум дел од нив. Завршив средно медицинско училиште, дипломирав на ВЗШ при Универзитетот “Гоце Делчев” во Штип и се запишав на специјалистички студии. И пак застанав пред Академик Др. Жан Митрев, но сега не како пациент, туку како дипломиран физиотерапевт, со молба да ми дозволи да се усовршувам на неговата клиника.

Многу сум среќен што ми овозможи да волонтирам, да научам како се работи во реномирана клиника по светски стандарди, каде што пациентот е на прво место.

Јас бев првото дете врз кое беше извршена успешна интервнција по нова метода, а после мојата се извршени уште многу такви. Кога прв пат се сретнав со Академик Др. Жан Митрев ме праша што сакам да бидам, а јас детски одговорив- фудбалер!

Фудбалер не станав, но се надевам дека овде ќе научам и ќе станам успешен физиотерапевт кој ќе помага во рехабилитацијата на пациентите.

Фудбалер не станав, но ќе станам успешен физиотерапевт