00389 2 3091 484
март 18, 2019
Фолната киселина или витамин Б9, е неопходен додаток во исхраната на бремените жени, но не само на нив, туку овој витамин е неопходен на секој поединец, за нормално здравје и живот.
Фолната киселина е неопходна за човекот, играјќи улога во многу метаболни процеси. Организмот не може сам да ја произведе, и таа не може да се складира во организмот долго време, па неопходно е потребната количина да ја внесеме преку исхраната, а при зголемена потреба од фолна киселина преку суплементи. Фолат е формата на Б9 витаминот кој се наоѓа во храната, а фолната киселина е форма на витаминот Б9 во витаминските суплементи
Фолната киселина е значајна за многу важни процеси во нашиот организам, а посебно при делба, диференцијација и раст на клетките на ембрионот и фетусот. Важна е за синтеза на ДНК и за функционирање на клетките во организмот. Има улога во метаболизмот на нервните клетки, а заедно со витаминот Б12 е неопходна за создавање на црвени крвни зрнца или создавање на ДНК. Исто така има значајна улога во конверзија на аминокиселините кои му се неопходни на нашиот организам, па така го намалува нивото на хомоцистеинот во крвта. Зголемено ниво на хомоцистеин доведува до појава на зачепување на крвните садови делувајќи тромбогено. Консумирањето на фолна киселина му дава енергија на организмот.
Фолната киселина е еден од клучните витамини којшто се препорачува доколку жената е бремена или планира да остане бремена
Најголема вредност, фолната киселина има кај бремените жени, за нормален раст и развој на плодот, и тоа: во периодот пред бременоста, во текот на бременоста и во тек на доењето на бебето. Фолната киселина делува врз развојот на нервниот систем на плодот, превенирајќи 50 до 70% од појавата на дефекти на невралната цевка кај плодот. Дефекти на невралната цевка се сериозни вродени аномалии на ’рбетниот мозок (како што е spina bifida) или аномалии на глава и централен нервен систем, како аненцефалија кај плодот.
Но, овие иако значајни не се единствените причини за надоместок на фолна киселина пред и за време на бременост. Постојат истражувања кои покажуваат дека таа може да го намали ризикот и од други вродени дефекти кај новородените. Исто така одредена група на трудници кои имаат вроден недостаток на MTHFR (methylenetetrahlorofolate) редуктаза, ензим чиј недостаток битно го отежнува конвертирањето на фолати во фолна киселина, треба да се осигурат во консултација со гинеколог дека примаат доволна доза и правилна форма на овој витамин преку суплементи.
Претходна бременост со дефект на невралната цевка, или позната анамнеза за ваков дефект кај еден од партнерите се од посебно значење, каде суплементацијата треба да биде отпочната со соодветни дози на фолна киселина неколку месеци пред планираната бременост.
Фолната киселина во исхраната, најмногу е застапена во овошјето и зеленчукот
Ја има во сите темнозелени листести зеленчуци (спанаќ, блитва, листовите на зелката…), потоа шпаргли, грав, цвекло, брокули, кељ, карфиол, пченка, грашок, боранија … Од овошјето богато со фолна киселина се издвојуваат: авокадо, портокал, лимон, банана, диња, грејпфрут… Покрај овошјето и зеленчукот, фолната киселина се содржи и во пивскиот квасец, јајцата и црниот дроб.
Кога е неопходно да додадете суплемент на фолна киселина како во исхраната?
Фолната киселина во суплемент вообичаено се препорачува на жените кои имаат намера да забременат (и тоа неколку месеци пред бременоста), на жените за време на бременоста и доилките, но секако пред употреба треба да се консултира лекар.
Голем број на здруженија на гинеколози и перинатолози, препорачуваат жените во репродуктивна доба да примаат 400 mcg фолна киселина на ден, поради тоа што невралната цевка се затвора до 28-миот ден од бременоста, кога е можно и самата трудница сè уште да не знае дека е бремена. Затоа е значајно жените кои планираат да останат бремени, да го отпочнат внесот на фолна киселина три месеци пред и минимум во тек на првите 12 недели од гестацијата.
Но внесот на фолна киселина не е неопходен само кај бремените жени. Нејзиниот внес преку суплементи, поволно делува на организмот и кај други здравствени проблеми: анемија, болести на срцето и крвните садови, покачен притисок, депресија, превенција на рак на дебело црево, неплодност, неврози, несоница, пад на имунитетот, проблеми со метаболизмот, инфекции, слабо помнење, стрес и хроничен замор.
Недостатокот на фолна киселина најчесто се појавува кај луѓето кои имаат проблеми со дигестивниот систем, бубрезите, црниот дроб или што консумираат алкохол. Симптоми кои можат да укажат на недостаток на фолна киселина се: анемија, депресија, инсомнија, раздразливост, загуба на концентрација, загуба на апетит, малаксаност во мускулите.
Всушност употребата на суплемент со фолна киселина делува поволно на многу процеси во организмот, одржувајќи не здрави, штитејќи го нашето потомство во текот на бременоста и ни помага во создавање на здрави поколенија.
Др Ирена Андонова
Специјалист гинеколог- акушер
Zan Mitrev Clinic