ПОСТДУРАЛНА ПУНКЦИОНА ГЛАВОБОЛКА

Дневна доза здравје

август 4, 2016

Постдуралната пункциона главоболка е јатрогена компликација на спиналната анестезија и е резултат на пункција на тврдата мозочна обвивка.
Знаците и симптомите на постспиналната пункциона главоболка се резултат на истекување на мозочна течност ( ликвор) и намалување на притисокот на мозочната течност.
Најважни фактори кои влијаат на фреквенцијата и јачината на главоболката се возраста на пациентот и големината и дизајнот на употребената спинална игла (големината на дуралната перфорација ) и искуството на анестезиологот .
Игли со големина 25 G, 26G и 27G кои се најдобри за спинална анестезија.
Главоболката и болката во долниот дел на грбот (резултат на ширење на лигаментарните структури) се доминантни симптоми кои се јавуваат по акцидентална пункција на дура. Во 90% случаи се јавува во првите три дена од процедурата и 66% започнуваат во тек на првите 48 h. Поретко, се јавува по 5 -14 дена по процедурата. Главоболката може да е присутна и веднаш по пункцијата. Во тој случај истата треба да го насочи анестезиологот да размислува за друга причина.
Постспиналната главоболка се опишува како јака, неподнослива, непулсирачка болка, обично челно-тилна која може да се шири кон грбот и рамениците. Понекогаш може да е присутна и вкочанетост на грбот. Болката се засилува при движење на главата и при станување во исправена положба , а се намалува при легнување. Зголемување на интензитетот на главоболката при станување и намалување при повторно легнување е најзначајна особина на постдуралната главоболка.
Може, но не мора да биде придружена со гадење, повраќање, вртоглавица, слабост и парестезии на скалпот и болки во рацете и нозете. Понекогаш се можни и видни пореметувања.
Дијагнозата се поставува клинички лесно кога постои историја на постурална главоболка, болки во грбот и присуство на неуролошки симптоми. Добро земена анамнеза, обично, е доволна. Кога постои дилема дали се работи за постспинална главоболка потребни се и дополнителни испитувања.
Третман:
Без третман 85% од главоболките исчезнуваат во тек на 6 недели.
Нормалното хидрирање на пациентот треба да се одржи за да се зголеми создавањето на мозочна течност со што ќе се компензира истекувањето на ликворот низ перфорираната дура. Лежење во кревет првите 24 часа после спинална или епидурална анестезија се смета за една од корисните методи за намалување на постспиналната главоболка.
Од аналгетиците најчесто помагаат наркотичните аналгетици и ацетаминофенот.
Лек на избор е кофеинот, во вид на таблети или пијалоци. Кофеинот предизвикува констрикција на проширените крвни садови во мозокот. Таблетите кафетин се ресорбираат добро во тек на 30 минути и ја минуваат крвно-мозочната бариера. Една шолја кафе содржи 100 мг кофеин, а пијалоците 35-50 мг.
Ако главоболката не се смирува со конзервативен третман тогаш се практикува т.н епидурален blood patch (крвна лепенка). Земената крв од вена на пациентот се вбризгува низ епидурален катетер. Механизмот е уфрлениот волумен на крв да се се залепи за обвивката каде постои перфорацијата и да го спречи понатамошното истекување на мозочна течност.