00389 2 3091 484
август 08,2012
Летен камп за деца со вродени срцеви маани „Камп на другарството “
И оваа година Специјалната болница Филип Втори заедно со Црвениот крст на град Скопје го спроведоа летниот камп за децата со интервенција на вродена срцева маана. Кампот се одржа од 16 до 20 јули 2012 година, во Струга во одморалиштето на Црвениот крст, „Солферино“. На кампот беа присутни 10 деца со интервенции на срце, 14 родители, како и 10 волонтери од Црвен крст кои работеа на ресоцијализација на децата, предавачи лекари и тимот на психолози од „Филип Втори“.
Целта на овој камп беше развој на супортивните системи преку директна тераписка поддршка на родителите на деца со ВСМ како растоварување на еден трауматски процес, ресоцијализација на децата преку развој на нивните креативни потенцијали и креирање на идентитет на здраво дете. Во кампот беа реализирани повеќе активности. Работилница за отворање на летниот камп именувана како „Учиме за себе и за другите” и креативната работилница за децата со ВСМ „Негување на самодовербата”. Како дел од програма за развивање на креативноста, учесниците на кампот, го креираа заедничкото име, знаме и химна на кампот. Името на овогодишниот камп беше, „Камп на другарството”. Значајна тематска работилница за родителите на децата со интервенции беше „Остварување на контакт со себе и емоционално описменување”, низ која родители се запознаа и беа воведени во една нова фаза од нивниот живот – заокружувањето на еден трауматски и сериозен процес – интервенцијата на вродено срцева маана на нивното дете. Според Љубица Наумоска, психологот и гешталт психотерапевт во Специјалната болница Филип Втори, приоритетна цел за одржување на овој камп е психосоцијална поддршка на децата со интервенција на вродени срцеви аномалии, како и психосоцијална поддршка на семејствата. За нив тоа ќе биде долготраен процес, кој со поддршка и стручна помош од тим на психолози и психотерапевти може да се помине полесно и поздраво. Затоа Филип Втори во соработка со Црвениот крст веќе трета година го организира овој камп, како најдобар и најефикасен начин за ресоцијализација и на едните и на другите.Заради постигнување на поголем ефект, проектот преку работилниците на кампот постави дополнителни цели за подигнување на свеста кај населението за поддршка на лицата со вродени срцевосадови аномалии, подигање на свеста за здравствено превентивни контролни прегледи, иницирање на програма за продолжување на активностите во насока на поддршка кон децата со ВСА и секако подигање на свеста кај компаниите за општествена одговорност и поддршка на хуманитарните програми и проекти.