По многу години талкања, со вас ѝ се врати вербата за живот на ќерка ми

Дневна доза здравје

март 17, 2017

Битката со болеста ревматoиден артритис С.В. ја води од нејзината десетгодишна возраст, а семејство ѝ е најверната потпора во изминатите 22 години. Во потрагата по решение за нејзината болест наидувала на многу препреки, се соочувала со тешки моменти, некогаш погрешни чекори во дијагностиката или несоодветна терапија, затворен однос доктор-пациент, а болеста прогресила… “На кратки патеки болеста ќе се стабилизираше, но погрешната дијагноза поставена на десетгодишна возраст и терапијата која и го ослабна имунолошкиот систем си го направи своето“, почна да раскажува нејзината мајка Васка. Болница по болница, од доктор до доктор, од Штип до Скопје, немало подобрување… Се додека на инсистирање на мајката не направиле уште едно испитување на Клиниката за детски болести во Скопје. Тогаш и поставиле вистинска дијагноза за јувенилен ревматoиден артритис. Но, претходната терапија си го направила своето и имала големо влијание врз ослабнување на имунитетот. Десет години скитања по болниците, една по друга терапија, зглобот на коленото почнал да ослабува и операција била неизбежна. Првата операција на С. В. ѝ ја направиле во Клиниката за ортопедија во Скопје. Иако операцијата била успешна, раната тешко заздравувала, па морале да продолжат да прават редовни преврски во родниот град. После неколку месеци раната зараснала, но болеста продолжила да ја разнишува стабилноста и на другите зглобови и коски. “Моето дете целосно ја изгуби вербата во докторите. Така живееше 7,8 години, со помали или никакви подобрувања од првата операција. Тогаш дознавме дека и во болницата кај д-р Жан Митрев се прават ортопедски операции. Со првиот преглед кај ќерка ми од страна на ортопедот и првата успешна операција на колк, кај нејзе се врати вербата за живот. Тоа за нас беше голем импулс иако беше големо финансиско преоптоварување и бараше големи жртви… Но, радоста и подобрувањето на здравјето кај моето дете е највредно, неспоредливо со било кои материјални издатоци кои ги имаме за операции, терапии, преврски итн. Таа болницата ја доживува како свој втор дом, сите ги чувствува како дел од едно големо семејство, кои се премногу љубезни и блиски со неа“…

Од тогаш до денес, на С. В. ѝ се направени уште 5 операции од страна на д-р Сашо Младеновски. Васка ја потенцираше стручноста, но и исклучително пријателскиот однос и посветеноста на докторот“. Д-р Младеновски е секогаш достапен за нас, има прекрасен однос кон својата пациентка, што многу значи. Но, болеста е толку лоша што и покрај успешните операции, сепак коските не може долго да ги држат протезите и беше препорачно да се направи нова операција. Овде, сакам да ја потенцирам хуманоста на д-р Жан Митрев за неодамна направената последна операција на скочен зглоб. Се помина во добар ред, a докторите споменале и за озон терапија, која доколку даде позитивни резултати ние би биле најсреќните луѓе на светот. Неизмерно сум благодарна на д-р Жан Митрев, кој согласно можностите секогаш ни излегувал во пресрет. Тој е посебен човек, не само поради стручноста, туку и воопшто, кај него има голема човечност што е реткост во денешно време“, емотивно дополни Васка…