00389 2 3091 484
јули 07,2014
Одбележан светскиот ден на пулмоналната хипертензија
На 5-ти мај, за првпат во Македонија се одбележа светскиот ден на пулмонална (белодробна) хипертензија. Глобалната кампања за подигање на свеста за постоењето на оваа ретка, смртоносна болест во цела Европа е под мотото Остани без ЗДИВ (GET Breathless for Pulmonary Hypertension). За еден пациент со белодробна хипертензија секој здив е предизвик. Претседател на асоцијацијата на пулмоналната хипертензија на Македонија “Момент плус” е г-ѓа Ѓургица Каева.Асоцијацијата Пулмонална Хипертензија „Момент Плус“ како дел од ПХ Европа, овој ден го одбележа во Гевгелија каде се одржа почесен маратон, забавен дел со зумба танчери, мали хип-хоп изведувачи, балет и музички дел од познати изведувачи како Бени, Игор Узунов и млади таленти од Македонски Идол.
Белодробната хипертензија е заболување на крвните садови на белите дробови кое се карактеризира со зголемување на притисокот во белодробните крвни садови, а може да биде предизвикана од најразлична етиологија. Идиопатската белодробна хипертензија (ИБХ) се јавува во процент од 7-10 пациенти на 1.000000 жители. Нејзиното лекување е поврзано со употреба на специфична терапија, а исходот најмногу зависи од правовремената дијагноза. Златен тест за дијагностицирањето на ПХ е десно срцевата катетеризација, каде се проценува белодробната реактивност на вазодилататорната терапија.Во оваа борба за здив е вклучена Болницата Филип Втори, која од почетокот на основањето на здружението дава поддршка во сите активности на АПХ “Момент Плус”.
За прв пат во Македонија во Филип Втори на 31.12.2013 година се направи 6 минутен тест – мерка која може да ја даде општата состојба и способност на еден пациент со ПХ. Шестминутното одење пеш за еден пациент со Пулмонална Хипертензија претставува ист напор како за здрав човек на маратон.За лекување на ова тешко заболување се потребни специфични лекови, кои за жал, сеуште во Р.Македонија се на товар на самите пациенти. Целта на секој еден лекар, институција или болница треба да биде насочување на свеста за постоењето на оваа болест, како и превземање на конкретни дијагностички чекори и оптимизирање на адекватна терапија со помош на надлежните институции.