00389 2 3091 484
ноември 6, 2015
ЕМОЦИОНАЛНАТА РЕГУЛАЦИЈА И ДОБРИОТ МЕНАЏМЕНТ НА СТРЕСОТ ГО ПОДОБРУВААТ ИМУНОЛОШКИОТ СИСТЕМ
Ова време од годината е време во кое вирозите и настинките се дел од нашето секојдневие. Постојано низ разните медиуми до нас стигнуваат многу реклами за тоа како со помош на одредени медикаменти да го подобриме нашето здравје и да се заштитиме, праксата ни покажува дека сепак се разболуваме. Еден факт кој многу често е занемарен а е од големо значење за нашиот имунолошки систем е дека и покрај тоа што нашиот ум и нашето размислување не можат да се борат со одредени вируси и бактерии, сепак можат да го поттикнат и зајакнат нашиот имунолошки систем или истиот да го ослабат.
Од психолошка перспектива, клучниот фактор во зачувување и јакнење на нашиот имунолошки систем се наоѓа во делот на тоа како се справуваме со стресот. Секојдневниот стрес може да потекнува од промени во нашите навики, почнувањето на ново работно место, прекин на интимна релација, обврзување кон работна задача која е преголема за нашите капацитети и можности. Сето ова води до бројни промени во нашите емоции, анксиозност, промени во спиењето што понатаму се одразува и врз нашиот имунолошки систем. Првиот чекор кон емоционална регулација е препознавање на ситуациите во кои сме под стрес, потоа препознавање на емоциите кои ни се јавуваат и превземање соодветни мерки за справување со нив. Како може ова да го постигнеме? Редовното вежбање, практикувањето на медитација и јога, прошетките во природа и водење грижа за храната која ја внесуваме се првиоте чекори. Понатаму, многу е значајно да работиме на креирање здрави релации со другите кои ќе ни бидат поддршка и учење на стратегии за соодветно менаџирање на стресот. Во овој дел поддршката од психолог или психотерапевт е добредојдена во учењето на нов начин на живот и личен раст и развој. За крај она што е многу значајно е да не заборавиме секојдневно да уживаме и да одвојуваме време за работите кои не исполнуваат. Велат “Во здраво тело, здрав дух”, но може и поинаку “Здрав дух, за здраво тело”.