октомври 3, 2019
Магнетна резонанца (МР) на срце е неинвазивна дијагностичка метода која користи магнетно поле и радиофрекфентни бранови за да создаде детална слика на срцето, крвните садови и околните органи.
За што може да се користи магнетна резонанца на срце?
- Да се провери дали има оштетување на ткивото од миокарден инфаркт, колкаво е тоа оштетување и дали е трајно (вијабилитет на миокард)?
- Прецизна проценка на срцева слабост, потенцијални причини за срцевата слабост
- Евалуација и дијагностика на кардиомиопатии (дилатативна, хипертофична, рестриктивна амилодоза)
- Дијагностика на миокардитис (инфламација на срцевиот мускул)
- Валвуларни маани
- Проценка на перикардот (обвивката околу срцето)
- Проценка на конгенитални срцеви аномалии
МР на срце е безбедна и безболна дијагностичка процедура. Луѓе со било какви уреди со метали во и на телото не би требало да се снимаат без потврда дека уредот е безбеден за МР тестирање (MRI safe).
Такви уреди ги вклучуваат следните:
- Електростимулатори на срцето (пејсмејкери), имплантирани кардиодефибрилатори (ICD) и уреди за ресинхронизациона терапија (CRT)
- Импланти во внатрешно уво
- Имплантирани инфузиски пумпи, неуро-мускулни стимулатори, интраутерини уреди за контрацепција
- Клипси за мозочни аневризми
- Некои дентални импланти
- Било какви метални делови во телото
Пред прегледот треба да се пријави доколку пациентот е во тек на бременост, има тетоважи, има стент, валвуларна протеза или хирургија на срцето или бубрежна болест.
Што се случува за време на прегледот?
- Прегледот обично трае 30-60 минути
- Пациентот лежи на комфорна движечка маса со слушалки преку кои се слушаат упатствата на технологот
- Потребна е соработка на пациентот во однос на земање воздух, издишување и задржување на здивот во тек на неколку секунди
- За цело време се следи ЕКГ, кислородна сатурација а пациентот може слободно да зборува со технологот додека трае прегледот
- Доколку е потребна апликација на контраст, пред прегледот се планира интравенска канила во раката
По прегледот возможно е веднаш враќање на нормалните активности. Нема никави ограничување со оглед на тоа што нема јонизирачко зрачење. Резултатите од прегледот вообичаено се добиваат по 2-3 работни дена.