00389 2 3091 484
април 22, 2016
Ректорот на МИТ Универзитетот од Скопје професор д-р Маријан Стевановски му врачи признание на Академик д-р Жан Митрев за посебни заслуги во развојот на кардиохирургијата во Република Македонија , лидерство и менаџирање во здравството, наметнување нови вредности и стандарди во медицината и здравствениот сектор и хуманизам и борба за секој човечки живот.
Покрај ова признание д-р Митрев доби и одликување и плакета ,како што истакна ректорот, во име на досегашната и идната соработка на овие две институции.
„ Навистина сум пријатно изненаден , вообичаено не сум научен на толку признанија, многу повеќе на сопки и слични работи, но така е во животот. Треба да се изборите за она што сакате да го работите. Ќе има сопки и лакти и ќе сакаат на некој начин да Ви попречат додека одите по патот кој сте го избрале како вистински. Секој од Вас ја има истата можност како и јас, само прашање е колку ќе се заложите за нешто, колку тоа го сакате и колку енергија ќе посветите додека работите во остварување на Вашата цел. Што и да Ви пренесуваат професорите, на што и да Ве учат, Вие имате во Вас нешто внатрешно, кое Ви кажува што треба да правите во животот. Ви благодарам уште еднаш за овие признанија и каде што можеме да помогнеме во науката , едукацијата , во практичните работи , Ви стоиме на располагање“, изјави д-р Митрев по доделувањето на одликувањата.
Ова не е прва награда за д-р Митрев од страна на МИТ Универзитетот , пред две години тој беше прогласен за почесен доктор на науки од областа на медицината и на здравството.
Медицинскиот директор на болницата д-р Тања Анѓушева ,на педесетината студенти од повеќето факултети на МИТ Универзитетот и нивните професори, преку кратка едукативна прошетка им ја претстави болницата.
Во салата за аудиториум на гостите им беше прикажан и 15 минутниот документарен филм кој ги опфаќа најважните датуми и настани од 16 годишното постоење на специјалната болница „Филип Втори“. Како што изјавија гостите од МИТ Универзитетот тие се задоволни и импресионирани од она што го видоа во болницата, потенцирајќи дека постојат многу заеднички полиња на соработката со д-р Жан Митрев и неговиот тим.