Фотостареење и фотопротекција- како да се заштитите?

Дневна доза здравје

јули 11, 2017

Како да ја заштитете Вашата кожа од предвремено стареење во текот на летниот период, кој фототип на кожа имате, која е најсоодветна фотозаштита за Вас? Сега, може да се информирате кај дерматовенерологот д-р Анџелка Николчев. Kои видови на услуги се опфатени во одделот за дерматологија може да се информирате на http://zmc.mkmk/departments/dermatologija.

Што е фотостареење?

Фотостареењето или дерматохелиоза е состојба која се карактеризира со специфични промени на кожата предизвикани од прекумерна изложеност на УВА и УВБ зраци. Познато е дека УВБ ултравиолетовите зраци продираат во површинскиот слој на кожата (епидермис) предизвикувајќи специфични хемиски процеси кои доведуваат до појава на брчки, оштетување на еластин и колаген. Покрај тоа, со дејството врз меланоцитите (клетки во површинскиот слој на кожата одговорни за продукција на меланин- пигмент кој овозможува потемнување на кожата) доведува до појава на темни дамки, флеки по кожата, па дури и преканцерозни промени или лезии кои можат да доведат до кожен карцином. УВА зраците имаат можност за продирање во подлабоките слоеви на кожата (дермис) и оштетување на колагенот, еластинот, луштење на епидермисот, намалување на дебелината на дермисот, оштетување на крвните садови и нивна видливост на површината на кожата.

Како до најдобра фотопротекција?

За заштита на кожата од предвремено стареење се користат фотопротектори. Тоа  се производи со заштитен фактор (SPF) за локална примена во вид на лосиони, креми, гелови, спрејови со различна јачина според степенот на продор на ултравиолетовите зраци во кожата преку соодветен слој на крем нанесен со одредена дебелина во зависност од фототипот на кожата.