00389 2 3091 484
август 14, 2020
Горан Кунгуловски, техничкиот директор на Био Инжинеринг и раководител на лабораторијата за персонализирана медицина во Клиничката болница Жан Митрев за Фактор потврдува дека во Zan Mitrev Clinic се прави вонредно тестирање, веќе истиот ден или во термин по избор на пациентите.
Во однос на тоа дали постојат различни типови тестови, и доколку има која е разликата меѓу нив, Кунгуловски истакнува дека лабораторијата за генетика и персонализирана медицина, нуди RT-PCR базирани тестови коишто имаат CE-IVD сертификати и се наоѓаат на листата на вонредна употреба на СЗО и/или FDA.
-Со овој тип на тестови, директно се детектира присуството на вирусот во примерокот од нос и грло. Нашата лабораторијата, покрај своите дијагностички пристапи е единствената приватна лабораторија којашто извршува и научно-истражувачка дејност. Имено, лабораторијата е првата којашто го секвенционираше геномот на новиот коронавирус (SARS-CoV-2) од македонски пациенти и откри дека “македонскиот сој” на вирусот полесно се пренесува од “Wuhan-скиот сој”. Во склоп на својата научно-истражувачка дејност лабораторијата исто така разви брз тест за детекција на коронавирусот со примена на реверзно-транскриптазна јамково посредувана изотермална амплификација (RT-LAMP). Тестот е интерно валидиран на PCR-валидирани примероци од 503 пациенти и има одлична сензитивност на детекција од 100 вирусни копии во реакцијата. Слично како PCR и RT-LAMP обавува директна детекција на вирусот во примерокот. Преку овој тест возможно е иницијалните резултати да се добијат од 12-80 минути, во зависност од вирусната концентрација кај пациентот. Лабораторијата е во контакт со овластените институции во однос на добивање на дозвола за работа со овој уникатен тест. Во Клиничката болница Жан Митрев, исто така се извршуваат и тестови преку кои може да се открие мината инфекција со вирусот преку детекција на присуство на IgG антитела. За да се изврши еден RT-PCR тест во оптимални околности (пандемијата не претставува оптимална околност) потребни се минимум од 3 часа. Бидејќи издавањето на резултати е еден комплексен и мултидисциплинарен организациски процес во којшто се инволвирани лаборантски техничари, администратори и молекуларни биолози, добивањето на резултати зависи од бројот на тестови во тековниот ден. Со број на извршени 200-300 на дневна основа, 99% од резултатите се добиваат истиот или најдоцна следниот ден, потенцира Кунгуловски.
Истовремено информира дека во болницата не се нудат семејни пакети, но возможно е да се извршат групни pooling тестови, коишто го претставуваат најефективниот начин за скрининг од коронавирусот, а во однос на цената Кунгуловски истакнува дека информациите за сите различни тестови, понуди и попусти се достапни од нивните администратори, 24 часа во текот на денот.