Подобрување на сексуалната функција кај жените со поставување на безтензиона трансвагинална мрежичка за стрес инконтиненција на урина

Дневна доза здравје

август 21, 2020

Нарушувања на долниот уринарен тракт како што се стрес уринарна инконтиненција, прекумерна активност на мочниот меур и синдром на болно мокрење, се поврзани со сексуална дисфункција. Хируршките интервенции, особено пласирање на полипропиленска лента без тензија (ТВТ-О) за стрес инконтиненција на урина се поврзани со подобрување на сексуалната функција. Во Клиничката болница Жан Митрев со голем процент на успешност, компарабилен со светските референци, проф. д-р Васил Илиев веќе 6 години во континуитет го спроведува овој метод.

Што треба да знаете за овој зафат и кои се бенефитите од истиот?

Ова е интервенција која се изведува кај женската популација со проблем познат како стрес инконтиненција на урина.

Она што е значајно е дека освен решавањето на примарниот проблем – инконтиненцијата има и дополнителни бенефити меѓу кои подобрување на сексуалната функција кај жените.

Доказ за тоа се голем број студии кои зборуваат за фактот дека пластика на вагината и пласирање на полипропиленска лента без тензија (ТВТ-О) ја подобрува сексуалната функција кај жени кои претходно страдале од стресна уринарна инконтиненција.

Како едно од најновите истражувања кое ги опфаќа токму ваквите пациентки, е она направено од  д-р Лан-Ју и неговиот тим на медицинскиот колеџ Унион во Пекинг.

Анализиран е репрезентивен примерок од 105 сексуално активни жени на просечна возраст од 51 година, од кои речиси половина веќе биле во менопауза. Сите имале дијагноза стресна уринарна инконтиненција и биле подложени на операција при која е користена методата со ТВТ-О. Истите одговарале на прашалник (PISQ-12) за пролапс / уринарна инконтиненција и сексуален прашалник пред и една година по операцијата.

Резултатите согласно нивните одговор се следни:

Една година по операцијата со ТВТ-О, сексуалната функција се подобрила кај 77,1% (81 учесник), останала непроменета кај 18 (17,1%) и се влошила кај шест пациентки (5,7%).

Авторите на оваа анализа забележуваат и дека зголемувањето на физичкиот домен, предизвика зголемување на вкупниот резултат на PISQ-12. Но, и покрај забележаните подобрувања во физичкиот домен на PISQ-12, без оглед на успехот или неуспехот, емоционалните и домените поврзани со партнерите не покажале значителни промени.

Она што вреди да се спомене е и дека при споредувањето на предоперативните со постоперативните вредности и оние една година по ТВТ-О, утврдена е значителна промена, т.е намалување на степенот на болка која ја чуствувале пациентките при сексуалниот однос. Исто така, жените потврдиле дека чувствуваат многу помалку страв од инконтиненција за време на сексуалниот однос и помалку негативни емотивни реакции за време на сексуалниот однос после ТВТ-О отколку порано.

Повеќе од 90% од жените во успешната група рекле дека „никогаш“ не доживеале инконтиненција во текот на однос, наспроти 50% во групата на неуспеси.

Овој труд уште еднаш го потврдува растечкиот број докази дека  корекцијата со ретропубичната подршка што се реализира при ТВТ-О операцијата значајно се подобрува сексуална функција кај сексуално активни жени кои страдаат од стрес уринарна инконтиненција.

Конзервативните интервенции, физикална терапија на карлицата и слабеење кај пациенти кои имаат прекумерна тежина, исто така можат да бидат многу ефикасни во минимизирање на сериозноста на стресната уринарна инконтиненција што допринесува за подобрување на сексуалната дисфункција.