Успешна интервенција на срцето на шестмесечно дете

Дневна доза здравје

април 30, 2018

Малата штипјанка која беше во нашата болница изминатава недела е вистински херој. Таа со своите 6 месеци ја имаше својата прва интервенција и тоа на нејзиното мало срценце кое сега чука беспрекорно. Херој е секако и мајката која храбро застана пред проблемот и пред идните искушенија и реши здравјето на своето дете да го додели на докторите на Zan Mitrev Clinic. Таа е родена како дете со мала тежина (2 килограма и 450 грама) и набрзо по раѓањето и се констатирало мал „шум“ на срцето. Тоа било јасен сигнал за родителите дека треба да посетат доктор. Неизбежна била интервенцијата бидејќи на бебето му била дијагностицирана аномалија на срцето во вид на поголем отвор меѓу аортата и левата пулмонална артерија.

– Немаше миг да не мислам на проблемот што го имаше моето дете. Знаете кога се работи за вашето дете, за неговото здравје, ништо не е поважно на светов од тоа. Откако се уверивме дека мора оперативно да се третира тогаш по мало истражување и по препорака на пријатели за да се направи таква интервенција ја одбравме токму вашата клиника. Едноставно од многу страни добивме многу позитивни информации па како најсигурен избор одбравме тоа да е Zan Mitrev Clinic – вели мајката.

Таа појаснува дека интервенцијата поминала успешно и дека ја извел доктор Иван Милев со тимот околу него на коишто им е бескрајно благодарна.

– Вчера беше направена операцијата а еве денеска ќе си одиме дома. Многу мисли, многу грижи и нервози, многу непроспиени ноќи, а се добро се заврши за многу кратко време. Им благодарам на сите вработени во болницава и за човечкиот и пријателски однос кон мене и кон моето дете. Навистина ми значи многу – додава мајката.

Додека малата хероина мирно спие ја напуштаме собата во која нејзината мајка бдее над неа и со нетрпение чека да ја однесе дома и да продолжи со безгрижното детство.