Движењето МОВЕМБЕР и машкото здравје

Дневна доза здравје

ноември 11, 2020

Уште во 2003 година двајца дугари од Австралија започнаа движење познато како МОВЕМБЕР со цел да се подигне свесноста за машкото здравје. Од тогаш до денеска бројот на следбеници континуирано се зголемува, а симболичното одбележување со пуштање мустаци кое се случува токму во ноември, стана редовна пракса кај мажите во овој период од годината.

Нивниот обидот да се разбуди свеста кај мажите и да се потенцира одењето на редовните контроли, посебно кај оние во средните и зрели години од животот, стана успешна пракса. Редовните активности кое ова движење во континуитет ги спроведуваше сите овие годни влијаеше и ја разбуди свеста кај овие луѓе за тоа тие редовно да посетат уролог, да се грижат за нивно здравје, за машкото здравје. Под терминот машко здравје всушност се подразбираат сите здравствени проблеми кои се појавуваат кај машката популација.

Мажите многу поретко одаат на преглед во однос на жените. Зошто?

Иако мажите биолошки важат за посилна половина, кога се работи за нивното здравје, тие се многу поплашливи во однос на жените. Всушност жените се иницијатори за нивниот сопруг, татко, брат да посети лекар. Најчесто кога ќе се појават во ординација заедно со сопрузите, жената е таа што ги опишува симптомите на својот сопруг, вклучувајќи го типот на болка, дури и интензитетот. Иако реално таа не ја почуствувала сепак, знае точно да ја опише и презентира заедно со времето од кога ова сето се случува. Мажите најчесто стојат на страна исплашени, со поглед надолу, ете таа е сликата која јас ја гледам секојдневно во ординациите.

На која возраст треба да се почне со редовните прегледи на уролог?

Порано границата за проблемите со простата била околу 50-55 година, но сега оваа граница е поместена надолу. Така што мој совет е по 45 година од животот, секој маж барем еднаш годишно да посети уролог без притоа да има некакви симптоми. Мажите најчесто имаат поинаква замисла како изгледа тој превентивен машки преглед и можеби таа е и причината зошто се плашат да се појдат на лекар. Долги години ова беше табу тема,  никој не зборуваше на темата. Се велеше ако одиш кај уролог, тешко тебе. Реално тоа не е вистина. Тоа што треба да го знаат пациетите е дека прегледот прво е разговор со пациентот. Најпрво ние земаме анамнеза од пациентот, едноставно дразговараме со цел да ги откриеме некои од симптомите кои може да ги има а да не ги забележува како знаци на предупредување. Потоа следува физичкиот преглед. Овде спаѓа ректалното туше, кое е комплетно безболно. Фактички ние со прстот ја пипаме простатата преку ректум бидејќи простатата е во близок контакт со завршниот дел од дебелото црево. Така ни е достапна скоро по целата површина на прегледот.  А согласно конзистенцијата на жлездата, нејзината цврстина, облик, форма и температура утврдуваме факти кои потоа ни даваат насока за потребата од  понатамошните прегледи.  После завршување на овој преглед веднаш следи преглед со ехо, ултразвук. Со помош на оваа постапка го гледаме целиот урогенитален систем, вклучително бубрезите почнувајќи од нивната поставеност, присутност на евентуални проблеми како калкулоза, туморозни формации, застој на самиот бубрег. Потоа го гледаме мочниот меур и откриваме можни задебелување на мочниот меур, туморозни профилерати на мочниот меур,  нивната назабеност, задебелување на ѕидот на мочниот меур. Исто така ја гледаме и простатата, ја мериме во грамови нејзината тежина, сето со цел да добиеме комплетна слика. Исто така со ултразвук ги гледаме и тестисите. Тоа што е најбитно, преку ултразвукот можеме да ја мериме и рест- урината. Обично се препорачува овој преглед да се направи со полна бешика, така го гледаме целиот систем со полна бешика. Потоа на пациентот му кажуваме да оди да се испразни, за повторно да го прегледаме и доколку имаме застој на урината, тоа значи дека простатата веќе почнува да ги прави своите првични проблеми. Пациентот не се празни до крај и имаме рест-урина, т.е  дво-етапно мокрење при што пациентот бил првично на мокрење и по неколку минути повторно добива нагон на мокрење. Тоа се првичните симптоми за проблем со простатата. Првичните симптоми на простата вклучуваат и ослободување на млазот при мокрење. Тој е многу индикативен важен симптом на кој пациентите полека почнуваат да се навикнуваат, да живеат со него, и да не го ни забележуваат.

Што е ПСА- антиген тест и кога треба да не загрижува?

Веднаш по првичниот преглед и ултразвук се прави и ПСА кај пациентот преку крвна анализа. Тоа значи простатичен специфичен антиген, тоа е неспецифичен туморски маркер кој може да не упати дека можеби се работи за некое малигно заболување на простатата, но истиот овој ПСА може да покаже високи вредности и при воспалителен процес на простатната жлезда. Така што може да има и енормни покачени вредности на ПСА а истото да не значи дека e карцином. Исто така има поспецифичен тест кој не упатува, но не е 100% сигурен дека е карцином на простатата, тој е ПХИ индексот кој сега се воведе и се работи во нашата земја. Тој покажува спореден сооднос на тотален и слободен (free) ПСА во организмот.  За овој тест урологот е тој кој индицира кај кои пациенти треба да се направи. Практично, ПХИ- индекс не упатува дали кај пациентот треба да се напрови биопсија или не.

Дали биопсијата ги одвраќа луѓето од прегледи?

Не, не е точно, затоа се работат сите овие предходни испитувања и треба со правилната медицинска индикација да се одреди кои пациенти треба да се упатат и да се направи биопсија. Истата се прави од страна на уролозите и се изведува под контрола на ехо со цел да може точно да се види од кој дел треба да се земе ткиво. Се влегува во ректум со ректална сонда, простатата се гледа на монитор, има водич за биопсијната игла, и се зема ткиво од простатата од полиња кои се понекогаш долги и до 2cm, а можат да бидат потенки и од од 1mm. Ткивото се праќа во патохистологија  и од 5-7 дена се добива дијагноза. Тогаш може да тврдиме со сигурност дали има или нема малигно заболување.

Кои се чекорите во лекувањето кога станува збор за зголемување на оваа жлезда а кои кога веќе ќе се најдат лошите клетки?

Месец ноември како кампања на машкото здравје е потсетник за машките да пуштат мустаќи и кога ќе се видат машките со мустаќи ќе се сетат дека треба да се појават на лекар. Целата оваа кампања е позитивна во раното откривање на карцином на простата. Рано откривање значи дека пациентот и ако е дијагностициран со рак, карцином на простата, не значи дека нема спас. Морам да потенцирам дека навремено откривање на карцином на простата денес е 100 % излечлива болест. Карциномот на простатата треба да го откриеме кога е во првичните стадиуми бидејќи имаме можнсти, фактички со првичниот преглед на доаѓање на пациентот да се посомневаме дека кај тој пациент може да се работи за малигно заболување на простата, а целата процедура од првичниот преглед се до дијагноза со биопсија може да се заврши од 8-10 дена, по ова време ние би имале преавец како и што треба да направиме со лекувањето на пациентот. Доколку се открие малигно заболување на простата кај пациентот, тогаш се третира со оперативно лекување (радикална простатоктомија) која може да се работи класично или лапароскопски. Радикална простатоктомија значи дека се вади  простатата во целост со нејзината капсула, семените везикули (мали жлезди кој се наоѓат во непосреден контакт со простатата) и се вадат линфните жлезди, оптураторните жлезди кој се наоѓат лево и десно од простатата. Тоа е комплетно вадење на тој систем. Дали се работи оперативно или лапароскопски, на крај целта е иста. На овој тип на лекување ги третираме пациентите до еден одреден стадиум од почетокот на болеста. Ако одиме во понатамошните повисоките стадиуми, тогаш пациентите не се третираат со хируршки третман. Овде веднаш морам да напоменам, да ги охрабрам мажите дека овој тип на дијагнози примаат хормонална терапија, еднаш месечно или на три месеци. „Депона“ е лекот кој делува и помага во намалувањето на нивото на лачењето на тестостеронот во организмот, бидејќи тој е виновникот на напредување на болеста. Со намалување на нивото на тестостерон во организмот имаме „хемиска кастрација“, со тоа почнува самата простатна жлезда да атрофира и да се става во хормонална контрола карциномот на простата кој вака можеме да го држиме со години, а пациентот да биде во релативно добра кондиција и да има квалитетен живот. Во нашата денешница се бара лек кој реално и го имаме, да го задржиме нивото на тестостеронот во организмот, да го задржиме либидото, потенцијата кај пациентот а имаме одговор на простатната жлезда. Овој тип на лекарства се користат кај бенигнита простатна хиперлазија.

Дали грешат мажите кои примаат стероиди со тестостерон бидејќи сакаат да имаат убаво машко тело, и до каков проблем ова може да доведе?

Ово е еден голем проблем кој го имаме не само во нашата земја, туку и наскаде во светот. Во фитнес салите каде што одат младите, нема кој да ги упати на кој начин да ги користат сите овие препарати. А правилниот баланс на препаратите кој ги користат е од клучно значење и за тоа задолжително треба да се консултираат со ендокринолог. Со внесување на тестостерон во организмот, хипофизата како диригент на сите жлезди добива информација дека во организмот има презаситеност на тестостерон, дава наредба на тестисите да прекинат со лачење на тестостерон, и практично истите се исклучуваат од работа и при одредено време на користење на тестостерон, почнува атрофија на тестисите тие веќе ја губаат нивната функција. Со тоа следува намелено либидо, импотенција и тука почнуваат и психичките проблеми кај овие пациенти. Затоа, апелирам до сите тие млади лица кој сакаат да имаат убаво тело пред се да се информираат, да се консултираат со стручно лице кој добро знае тоа да го работи, а потоа да почнаат да користат било какви препарати.

Колку е присутна импотенцијата кај машките и како се открива?

Импотенција не е секогаш болест, таа може да биде и симптом за други заболувања. Затоа пациентите не треба да дојдат на превентивен преглед само заради мокрење или простата, треба да обрнаат внимание исто така и околу либидото и потентноста. Оваа е уште табу тема.  Сеуште ретко кој се осмелува да го каже овој проблем кај докторот. Затроа сакам да напоменам дека приватноста на овие интимни прегледи е строго загарантирана и останува само кај докторот. Затоа пациентите треба да го пријават ова како како симптом бидејќи не е срамно, а е многу важно. Во нашата клиника доаѓаат голем број пациенти кај кои често пати преку откриеното намалување на ерекциона дисфункција, пореметување и запушување на овие фини крвни садови одговорни за добра потентност,  индицираат сомнеж дека можеби истата состојба пациентот ја има и во коронарните садови. На овој начин, преку овој симптом може да се открие битна кардиоваскуларна состојба кај пациентот за која понекогаш е потребна брза реакција. Затоа бидете храбри и кажувајте ги вашите проблеми.