00389 2 3091 484
декември 21, 2020
За пациентите со тешки инфекции, дури и минималните движења може да бидат истоштувачки и да предизвикаат рапиден пад на нивото на кислород. Затоа рехабилитација треба да напредува постепено низ процесот на враќање на мобилноста, од седење на работ од креветот, стоење, марширање и пешачење според толеранцијата на пациентот.
Во кои состојби можат да помогнат физиотерапевтите кај хоспитализираните пациенти со COVID-19?
Ниско ниво на кислород во крвта ‒ Луѓето со тешка инфекција на COVID-19 страдаат од ниско ниво на кислород. Пациентите со отежнато дишење имаат влошена белодробна функција, поради која нема соодветна циркулација на кислород во телото и во сите важни органи. Па затоа многу важна улога игра кислородната терапија на почетокот од третманот на овие пациенти.
Во умерени до тешки случаи на COVID-19, се препорачува пронација, т.е. позиција во која пациентот лежи на стомак. Оваа позиција може да го зголеми нивото на кислород во крвта, бидејќи со оваа позиција, под притисок на внатрешните гасови во градниот кош се отвораат поодалечените делови на белите дробови, при што се овозможува поголема вентилација и соодветна размена на гасови во целото белодробие. Важно е да се напомене дека се забележани податоци на подобрување и кај другите пациенти кои се во средно тешка или лесна фаза на болеста, кои можат и сами да се пронираат (да лежат на стомак).
Најголемиот проблем кај заболените од ковид-19 се отежнатото дишење и белодробен секрет, како може да им се помогне на овие пациенти?
Поголемиот дел од пациентите со COVID-19 имаат сува кашлица, но исто така според некои истражувања, има пациенти кои имаат проблем со белодробен секрет поради кој се згрижени за болничко лекување. Кај овие пациенти се спроведува постуралната дренажа, во комбинација со перкусиона и вибротерапија, со цел да се евакуира белодробниот секрет и да се ослободи место за кислород во градите.
Перкусионата терапија (тапкање) е техника што се применува во областа на градниот кош, со цел да се предизвика одлепување и раздвижување на белодробниот секрет од базалните делови на белодробието, кон горните дишни патишта, за да биде полесно исфрлен од страна пациентот.
Како дополнување на ова терапија може да биде и вибротерапијата, т.е. во суштина станува збор за користење на уред за вибротерапија (вибромасажер) со соодветен број на вибрации и површина на главата, за медицинска употреба.
Во процесот на третирање на отежнатото дишење, пациентите добиваат инструкции од физиотерапевтите за спроведување соодветни респираторни вежби кои ќе им помогнат да се ослободат од заостанатиот белодробен секрет. Ќе бидат советувани за користење најразлични позиции за спроведување техники за релаксирање на дишењето и соодветна активност во текот на денот.
Веќе знаеме дека и по негативниот тест, пациентите што биле заразени од овој вирус потешко и побавно се враќаат во нормала, односно дури и по лекувањето, тие сѐ уште не се подготвени да се вратат на старите секојдневни обврски и рутини. Што им препорачувате Вие на овие пациенти?
Слабост на горните и долните екстремитети – постковид рехабилитација. Најголемиот фокус на физиотерапијата во периодот на пандемијата е враќање на мобилноста на критично болните пациенти колку што е можно порано. Ова може да се случи кога пациентите се доволно подготвени за физичка активност. За почеток, може да се спроведуваат едноставни вежби (пасивни, активно-потпомогнати или активни) за раздвижување на рацете, нозете и на телото во креветот. Во овој процес, најважно за физиотерапевтот е да ги следи виталните знаци: периферната сатурација –нивото на кислород, респираторниот ритам, срцевата фреквенција и крвниот притисок, за да ја процени толеранцијата на пациентот на физичка активност.
Процесот на рехабилитација зависи од состојбата на пациентот. Чувството на замор и слабост се појавува кај 40% од пациентите, затоа е потребно физиотерапевтите да прават индивидуални планови за рехабилитација со кратки сесии на вежби, во комбинации со другите физиотерапевтски модалитети според можностите на пациентот. Некои пациенти имаат проблеми со збунетост и вознемиреност, предизвикани од претходниот делириум, па ќе им биде потешко да се вклопат во процесот на рехабилитација.
За пациентите со тешки инфекции, дури и минималните движења може да бидат истоштувачки и да предизвикаат рапиден пад на нивото на кислород. Затоа рехабилитација треба да напредува постепено низ процесот на враќање на мобилноста, од седење на работ од креветот, стоење, марширање и пешачење според толеранцијата на пациентот.