Утврдување на присуство на мутирани соеви на SARS-CoV-2 во Македонија

Дневна доза здравје

декември 24, 2020

Како одговор на појавата на нов вирусен субтип со зголемена преносливост во Велика Британија, лабораторијата за генетика и персонализирана медицина од Клиничката болница Жан Митрев од денеска повторно почнува со секвенционирање на SARS-CoV-2 примероци со цел утврдување на можно присуство на мутирани соеви од овој вирус кај македонски пациенти. Во текот на наредниот период ќе ги информираме надлежните институции и јавноста за добиените резултати.

 Според препораките на Европскиот центар за заразни болести (ЕДЦ) неопходно е да бидат навремено преземени чекори за утврдување на постоење и следење на ваквите еволуции на вирусот. Самиот факт дека генетската еволуција на SARS-CoV-2 вирусот може потенцијално да влијае на антигенските својства (пр. ефект на вакцини и терапии), неговата преносливост и јачина, се доволен показател дека треба да бидат земени предвид при планирање на следните чекори за справување со ширењето на истиот.

 Затоа ние како општествено одговорна лабораторија почнувајќи од денеска, ќе започнеме со собирање на примероци од македонски пациенти позитивни на корона вирусот и по добивање на нивна согласност истите ќе бидат дополнително секвенционирани на наш трошок, за да утврдиме присуство/отсуство на новиот мутиран сој SARS-CoV-2, познат како VUI – 202012/01.

 Оваа наша иницијатива ќе се реализира во следните неколку месеци, со што ќе имаме можност да ја утврдиме еволуцијата на вирусот на македонско тло.

 За овој наш проект веќе сме во комуникација со локалната канцеларија на СЗО и дипломатските претставништа, од кои очекуваме поддршка која ќе обезбеди аргументирано и интелектуално издржано известување во борбата против лажните и извадени од контекст информации. Ги покануваме сите институции и капацитети, јавни или приватни доколку имаат можност да ни се приклучат во оваа борба.

 Нашата лабораторија беше прва и единствена која уште во јуни го секвенционираше балканскиот сој на корона вирусот SARS-CoV-2.