00389 2 3091 484
декември 25, 2020
За време на новогодишните празници вообичаено подготвуваме големи количини разновидна храна, која уживаме да ја споделиме со поширокото семејство и пријатели. Оваа година поради пандемијата, дружењето ќе биде ограничено, а тоа значи дека треба да обрнете внимание на количината храна која ќе ја подготвите. Не претерувајте, но истовремено следете ги и препораките во поглед на типот на храна која може да предизвика непријатност при варењето. Ова се однесува и на консумирањето алкохол и газирани пијалаци.
Иако се празници, сепак може да се погрижите да уживате во храна која е здрава, избегнувајќи консумирање на прекумерни количини. Оваа година имате и повеќе време да експериментирате со нови, здрави рецепти.
Но доколку сепак решите да одите со новогодишната класика, имајте ги на ум следните совети:
Не ги заборавјате салатите направени од свеж зеленчук. Тие му обезбедуваат на вашиот организам фитостероли, витамини и минерали кои помагаат во намалувањето на холестеролот. Подобри ефекти ќе добиете од нив доколку ги консумирате сирови. Додадете зелка, брокула, карфиол и лук како зачин или кондимент за замена на солта. Сите овие заедно со кромидот содржат соединенија на сулфур кои ја подобруваат циркулацијата и кардиоваскуларната активност.
Овошјата се исто така важни. Во овој период сезонските овошја како калинки, цитрусните: мандарини, портокали, цитрони. Секогаш присутните банани.
Црвените или синкавите плодови како сливи, цреши, малини и боровинки иако во овој период во замрзната форма, се богати со антоцијани, природни антиоксиданти кои спречуваат натрупување на маснотии на внатрешните sидови на артериите. Грозјето кое сеуште можете да го најдете во маркетите содржи ресвератрол, природна супстанца која го штити срцето од хиперхолестеролемија, високи триглицериди и висок крвен притисок.
Празниците се токму за да уживаме во нив, да го избереме најдобриот и најздравиот начин, без претерување или забрани. Среќни празници!