Синузитис – причини, симптоми, дијагноза и третман

Дневна доза здравје

јануари 15, 2021

Синузитис претставува воспаление на слузницата на параназалните синуси. Овие инфекции се јавуваат најчесто заедно со инфекции на носните простори /ринити/ и затоа често се користи терминот  риносинузити.

Синусите претставуваат неколку парни воздушести простори сместени во просторот на главата. Според локализацијата се делат на: максиларни /вилични, фронтални /челни, етмоидални / на коренот на носот помеѓу очите, сфеноидални / зад носот во средината на главата.
Синусите преку своите отвори се во комуникација со носните простори во кои се дренира нивниот содржај.

Воспаленијата на синусите најчесто се поврзани со: претходна настинка, алергиски ринит, полипи во носот, искривена носна преграда, чести горно-респираторни инфекции.

Во текот на настинката отокот/едемот на носната слузница поради инфекцијата доведува до стеснување или блокирање на отворите на синусите во носните простори. Тоа доведува до намалување на притисокот во синусите, се јавува болка и стварање на течност/флуид/ во синусите. Притисокот  во регијата на синусите и болката се золемуваат, а честопати се јавува и бактериска колонизација што ја потенцира клиничката слика.

Најчести причинители на синузити се:

– бактерии – Streptococcus pneumoniae, Haemophylus influenzae, Moraxella catarrhalis

– вируси – риновируси, аденовируси, вируси на инфлуенца и параинфлуенца, респираторни синцицијални вируси

– фунги/габи – најчесто кај дијабетичари и имунодефицитарни пациенти

Симптоматологија

Според тежината на симптомите кои се јавуваат при воспалението на синусите тие се делат на мајорни и минорни.

Мајорни: лицева болка или чувство на притисок; носна обструкција/запушеност на носот; секреција од носот/ во почетокот бистра, а потоа погуста жолто-зеленикава,  или чувство на слевање на секрет во грлото; намален  или изгубен осет за мирис / хипосмија или аносмија; покачена телесна температура.

Во минорните сиптоми доминираат: замор, малаксалост; болка во забите, ушите; главоболка; кашлица; непријатен мирис од устата.

Имајки ги во предвид симптомите, а со цел за поставување на правилна  дијагноза, потребни се најмалку еден мајорен и два минорни симптома или два мајорни симптома.

Локализацијата на болката може да ни посочи кон афекцијата на пооделни синуси:

– кај максиларните синузити – болка под очите, болки во забалото, главоболка

– кај фронталните синузити – болка во челото /над очите/

– кај етмоидалните  синузити – болка помеѓу очите/на коренот на носот

– кај сфеноидалните синузити – болка во задниот или средишниот дел на главата

Дефинирањето на овие симптоми е често отежнато поради истовремено ширење на инфекцијата кон повеке синусни простори.

Според временскиот период на траење на тегобите синузитите можат  да се јават во неколку форми:

– акутен синузит – најчесто почнува со симптоми на настинка и трае најмногу 2-4 недели

– субакутен синузит – симптомите перзистираат 4-12 недели

– хроничен синузит – трае повеке од 12 недели

– рекурентен /повторувачки/ синузит

Дијагнозата кај синузитите се поставува врз основа на:

– детална анамнеза

– комлетен оториноларинголошки преглед

– флексибилна/фиберназофарингоскопија – за разлика од ригидната ендоскопија, оваа дијагностичка метода овозможува многу попрецизна евалуација на носните простори. Таа ни дава податоци во однос на промените на носната лигавица /пребоеност, оток, хипертрофија/, деформитет/девијација на носната преграда, присуство на секрет и локалнизација, проценка на третиот крајник кај децата, носни полипи  и други состојби што се важни во проценката на синусните инфекции.

Третманот  на синузитите зависи од причинителните и формата на воспалението. Може да биде конзервативен или хируршки.

Конзервативен третман:

Кај вирусните синузити терапијата вообичаено е симптоматска /со цел да се смират симптомите – деконгестивни капки или спрееви во нос/со цел да се намали запушеноста на носот, аналгетици/за намалување на болката, витамини, инхалации, затоплување и сл.

Кај бактериските синузити дополнително се ординира и антибиотска терапија / најдобро според резултатите од микробиолошките испитувања/ во времетраење од 10-14 дена. Кај потешките форми може дополнително да се аплицираат и кортикостероиди.

Доколку е потврдена алергија или постојат симптоми на алергија се ординираат и антихистаминици/антиалергици, во форма на спрееви  во нос или системски.

Во случај на синузити причинети од габи/т.н. фунгални синузити/ се спроведува антифугална терапија. Кај овие форми поради брзата еволуција и изразена клиничка слика често е потребен хируршки третман.

Како дополнение на конзервативниот третман може да се користат инхалации / со камилица, етерични масла/, затоплување на синусите со инфрацрвена лампа, витаминска терапија и сл.

Неуспехот на конзервативниот третман  може да се препише на формирањето на т.н. бактериски биофилм во носните/синусните простори што значително ја зголемува резистентноста кон антибиотиците. Одредени студии покажуваат дека кај 75% од оперирани пациенти поради хроничен воспалителен процес на синусите е откриено присуство на бактериски биофилм.

Хируршки третман:

Хируршкиот  третман е индициран кај хроничните, рецидивирачки/повторувачки или пролонгирани форми на воспаление на синусите

За разлика од порано користените класични хируршки техники на операција на синусите  денес се користи техниката на FESS  – /functional endoscopic sinus surgery/ – функционална ендоскопска синусна хирургија.

Предности на оваа метода во однос на класичните се:

–  овозможува поедноставен пристап и подобра визуелизација на  носните и синусните простори

–  ја намалува оперативната траума на околните ткива

–  го скратува постоператвниот период на опоравување.

Можни компликации кај синузитите

Спуштањето на инфективниот матерјал/секрет од носот и синусите може да доведе до инфекции на долните дишни патишта. Оваа состојба се нарекува Синобронхијален синдром.

Затоа при чести или повторувачки епизоди на инфекции на долните дишни патишта, особено во детската возраст,  важно е да се направи проценка на горните дишни патишта како можно жариште на инфектот.

Доколку дијагнозата за постоење на синусна инфекција не е навреме поставена или терапијата не е соотведно ординирана можна е појава на компликации. Тие настануваат  најчесто со ширење на инфекцијата кон околината по директен пат поради разрушување на тенките коскени зидови на синусните простори или по индиректен пат преку крвните и лимфните садови.

Од локалните/егзокранијални/ компликации најчести се орбито-окуларни компликации поради ширењето на инфекцијата кон очите, како и остеомиелитични промени на околните коскени структури. Доколку процесот се шири кон ендокраниумот и мозочните структури можна е појава на менингити, стварање на мозочни абсцеси со различна локализација. Ова се крајно сериозни состојби поради локализацијата на синусните простори, а понекогаш и животозагрозувачки доколку останат занемарени.

Задолжително консултирајте лекар/оториноларинголог  доколку имате:

прологирано траење на симптоми на настинка

– влошување на почетните симптоми на настинка

– анамнеза за хронични инфекции на синусите

– имунодефицитарни состојби

Навремената дијагноза на воспалението на синусите, како и спроведувањето на адекватната терапија значително го намалува  ризикот од појава на компликации и опасноста од ширење на инфекцијата кон околните структури.

Примариус д-р Борислав Гогушевски
Оториноларинголог