00389 2 3091 484
февруари 17, 2021
Последниве неколку децении несомнено кардиоваскуларните заболувања се број 1 здравствен но и социјален проблем не само во нашата држава туку и во речиси цел западен свет. Статистиките говорат за тоа дека болестите на срцето и на крвните садови се најчести заболувања во сите развиени земји во светот, како по морбидитет, така и по морталитет. Сепак, забележан е тренд на пораст на овие заболувања и во земјите во развој.
Кардиоваскуларните заболувања како што се коронарна артериска болест и инфаркт на миокардот најчесто настануваат поради причини и фактори кои допринесуваат до појава или влошување на состојбата на кардиоваслуларниот систем во целост или пак само во одредени негови делови.
Кои се тие фактори?
Хипертензија (Висок крвен притисок)
Артериската хипертензија, според бројни студии, е еден од главните ризик-фактори за појавата на кардиоваскуварните болети. Високиот крвен притисок може да предизвика оштетување на повеќе органи уште пред да се развијат симптомите. Доколку хипертензијата не се третира постои можност за попреченост во одвивање на секојдневните активности, намален квалитет на животот, па дури да предизвика и срцев удар со фатален исход. Податоците од досегашните анализи во медицината покажуваат дека околу половина од лицата со нетретирана хипертензија умираат како резултат на срцева болест поврзана со слаб крвен проток (миокардна исхемија), додека една третина умираат поради мозочен удар.
Високо ниво на липиди
Липидите (мастите) се функционална и структурна компонента на секоја клетка кои истовремено овозможуваат извор на енергија т.е. функционираат како енергетско депо. Главните класи на липидите се холестерол и триглицериди хиломикрони. Покачувањето на холестеролот не предизвикува симптoми, но, сепак сигурно предизвикува оштетување длабоко во нашето тело кое подоцна ќе даде несакани ефекти. Високите вредности на холестерлот доведуваат до градење на плаки во артериите што во медицината е познато како атеросклероза. Ова пак доведува до стеснување на луменот на крвниот сад со намалување на протокот на крв што придонесува за срцеви исхемии и васкуларни болести.
Шеќерна болест
Луѓето кои боледуваат од шеќерната болест имаат три пати повисок ризик за развој на кардиоваскуларни болести. Ако дијабетот не се контролира медикаментозно и истовремено со режим на исхрана, тогаш е поголема веројатноста да развијат кардиоваскуларни болести во порана возраст отколку другите лица. Кај жените кои се пред или во менопауза, дијабетот го намалува заштитниот ефект на естрогените хормони и тогаш ризикот од срцеви заболувања се зголемува значително.
Пушење
Пушењето се смета за еден од главните ризик-фактори за појава на кардиоваскуларни болести. Пушењето е причина за барем 50% од смртните исходи кои можат да се избегнат, а една половина од нив припаѓа на кардиоваскуларната смрт. Ризикот од кардиоваскуларни болести се зголемува во зависност од бројот на испушените цигари, од времетраењето на пушењето, од возраста како и од вдишаниот чад. Се смета дека тутунот има улога во развојот на атеросклерозата и на тромбогеноста. Да напоменеме дека освен кардиоваскуларните заболувања, пушењето е ризик фактор и за појава на други заболувања како што се рак на белите дробови, леукемија, редуцирана фертилност, раѓање на прематурни деца и сл.
Алкохол
Медицината вели дека ризикот од кардиоваскуларните заболувања е понизок кај луѓето кои не консумираат алкохол, во однос на луѓето кои земаат големи количества алкохол. Кај алкохоличарите има зголемен ризик на ненадејна смрт, најчесто поради аритмии, како и поради зголемен ризик на хипертензија и хеморагични испади.
Дебелина
Кај лица со прекумерна тежина се јавуваат неповолни метаболистички промени кои негативно влијаат на кардиоваскуларниот ситем.
Дебелината предизвикува зголемување на вкупниот проток на крв во телото а со тоа и зголемување на срцевиот минутен волумен (проток на крв) како резултат на зголемената побарувачка на метаболизмот, предизвикана од прекумерна телесна тежина. Луѓето кои се со прекумерна тежина имаат висок ритам на срцето и помал периферен отпор од лицата со нормална телесна тежина. Поради овие причини се појавуваат проширувања на коморите со зголемен стрес на sидовите на срцето, а тоа подразбира предиспозиција за хипертрофија на левата срцева активност.
Физичка неактивност
Физичката неактивност како ризик-фактор произлегува од фактот што при поголема физичка активност се намалува телесната тежина, што е поврзано со намалување на нивото на LDL (липопротеини со ниска густина или познати како “лош холестерол”) во плазмата на холестеролот и на триглицеридите, со што се намалува и кривниот притисок. Препорачлива физичка активност е 20-30 минути, барем 4-5 пати неделно. Се препорачува редовно практикување аеробни вежби, возење велосипед, пливање или пешачење. Со физичката активност во потполност се метаболизираат јаглехидратите и мастите, а со тоа се намалува хиперлипемијата и таложењето на мастите во ѕидовите на крвните садови, а од друга страна, таа има улога во развојот на коронарната колатерална циркулација.