Кога и зошто се отстранува жолчното ќесе?

Дневна доза здравје

февруари 25, 2021

Жолчното ќесе, вообичаено познато како жолчка, заедно со жолчните канали и жолчниот сок извршуваат важни функции во човековото тело. Тие учествуваат во дигестијата и апсорпцијата на масти и како и во процесот на преработка на разни метаболити од црниот дроб. Присуството на жолчни калкули (камења) во жолчниот систем во медицината се нарекува холелитијаза. Ако камчињата се во жолчното ќесе станува збор за холецистолитијаза, а доколку се во жолчните канали, се работи за холедохолитијза. Тие се цврсти формации кои се создаваат од компоненти што се наоѓаат во жолчниот сок. Жолчниот сок e жолтеникаво-зелена течност која содржи жолчни киселини, холестерол, билирубин, метали и други метаболити. Според тоа и поделбата на: холестерински (камења со холестерол), билирубински (камења со билирубин) и мешани видови.

Во медицината сè уште не е јасно дефинирано што точно доведува до појава на жолчните камења. Сепак, јасно е дека причината може да биде една или комбинација од долунаведените теории.

  1. Воспаление на жолчни патишта

–  Се смета дека инфламацијата игра значајна улога во создавањето на жолчните камења. Промената на pH на жолчниот сок води до создавање на фибрин кој заедно со бактериите се основа за создавање жолчни камења.

  1. Застој на жолчката

    – Доколку поради која било причина настане застој на работата на жолчката, се овозможува таложење и формирање жолчни камења.

3. Високо ниво на холестерол или билирубин

– Доколку во жолчниот сок има покачено ниво на холестерол или билирубин, а нивото на лецитин и жолчни соли е намалено, исто така се создава можност за да се формираат камења.

Кои се симптомите при постоење камења во жолчката?

Постоењето на камчиња во жолчката може да биде асимптоматско и камењата да се откријат при случаен наод, или да биде со јасни симптоми и знаци. Клиничката слика при камења во жолчниот систем може да вклучува изненадна и силна болка во пределот на абдоменот, најчесто под десниот ребрен лак. Болката може да се шири кон десното рамо и десниот дел на грбот. Се јавува најчесто по обилен, масен оброк и трае 1-4 часа. Се појавува и гадење, повраќање, покачена телесна температура, диспепсија (нарушена дигестија) и жолтица.

Кога се отстранува жолчното ќесе?

Хируршка процедура при која се отстранува жолчното ќесе се нарекува холецистектомија. Вашиот лекар може да препорача ваков зафат доколку имате:

  • жолчни камења во жолчната ќеса (холелитијаза);
  • жолчни камења во жолчните канали (холедохолитијаза);
  • воспаление на жолчната ќеса (холецистит) кој не се смирува на друг начин;
  • воспаление на панкреасот (панкреатитис) што се должи на жолчни камења;
  • ресекција на главата на панкреасот и жолчните канали поради карцином на главата на панкреасот;
  • бенигни израстоци во жолчната ќеса (полипи).

Доколку бидат откриени камења во жолчката кај лица во одминати години кои до тој момент немале никакви симптоми, наместо холецистектомија, може да се препорача следење на состојбата и промена на животниот стил (повеќе физички активности, јадење храна богата со зеленчуци и овошје, а избегнување на храна богата со масти и јаглехидрати).