Хипертензија – главната причина за прерана смрт ширум светот

Дневна доза здравје

мај 10, 2021

Клучни факти
Хипертензија – или покачен крвен притисок – е сериозна медицинска состојба што значително ги зголемува ризиците од срцеви, мозочни, бубрежни и други болести.

Околу 1,13 милијарди луѓе ширум светот имаат хипертензија, повеќето (две третини) живеат во земји со низок и среден приход.

Само едно од пет лица со хипертензија го контролираат овој проблем.

Хипертензијата е главна причина за прерана смрт ширум светот.

Што е хипертензија?

Крвниот притисок е силата со која крвта притиска врз ѕидовите на крвните садови. А хипертензија е состојбата при која крвниот притисок е континуирано висок.
Крвниот притисок вообичаено се изразува со два броја. Првиот број го претставува притисок во крвните садови кога срцето се контрахира или чука (систолен). Вториот број претставува притисок во крвните садови кога срцето почива, помеѓу отчукувањата (дијастолен).
Хипертензијата се дијагностицира кога при мерење на притисокот во два различни дена, вредностите на систолниот крвен притисок во двата дена се поголеми од 140 mmHg и / или читањата на дијастолниот крвен притисок во двата дена се поголеми од 90 mmHg.

Кои се ризик факторите за хипертензија?

Променливите/стекнатите фактори на ризик вклучуваат:

  • нездрава исхрана (прекумерна употреба на сол, исхрана богата со заситени маснотии и транс масти, мал внес на овошје и зеленчук),
  • физичка неактивност,
  • пороци како пушење цигари и алкохол и
  • прекумерна тежина / дебелина

    Непоменливите/вродени фактори на ризик вклучуваат:
  • семејна историја на хипертензија,
  • возраст над 65 години и
  • присуство на болести како што се дијабетес или бубрежни заболувања.

Кои се вообичаените симптоми на хипертензија?

Хипертензијата се нарекува „тивок убиец“. Повеќето луѓе со хипертензија не се свесни за проблемот затоа што може да нема знаци на предупредување или симптоми. Поради оваа причина, од суштинско значење е крвниот притисок да се мери редовно.
Кога ќе се појават симптоми, тие можат да вклучуваат главоболки во раните утрински часови, крварење од носот, неправилен срцев ритам, промени во видот и зуење во ушите. Тешка хипертензија може да предизвика замор, гадење, повраќање, конфузија, вознемиреност, болка во градите и треперење на мускулите.
Единствениот начин да се открие хипертензија е да се мери крвниот притисок од страна на медицински обучени лица. Мерењето на крвниот притисок е брзо и безболно. Поединци исто така можат да го измерат сопствениот крвен притисок користејќи автоматизирани уреди, меѓутоа, евалуацијата од страна на здравствен работник е важна за проценка на ризикот и придружните состојби.
Кои се компликациите од неконтролираната хипертензија?
Меѓу другите компликации, хипертензијата може да предизвика сериозно оштетување на срцето. Прекумерниот притисок може да ги стврдне артериите, намалувајќи го протокот на крв и кислород до срцето. Овој покачен притисок и намален проток на крв може да предизвикаат:
• Болка во градите, исто така наречена ангина.
• Срцев удар, кој се случува кога снабдувањето на срцето со крв е блокирано и клетките на срцевиот мускул умираат од недостаток на кислород. Колку подолго е блокиран протокот на крв, толку е поголемо оштетувањето на срцето.
• Срцева слабост, која се јавува кога срцето не може да пумпа доволно крв и кислород до другите витални органи на телото.
• Неправилно биење на срцето што може да доведе до ненадејна смрт.
Хипертензијата исто така може да прсне или блокира артерии кои го снабдуваат мозокот со крв и кислород, предизвикувајќи мозочен удар.
Дополнително, хипертензијата може да предизвика оштетување на бубрезите, што доведува до откажување на бубрезите.

Зошто хипертензијата е важно прашање во земјите со низок и среден приход?

Анализите на тековните трендови покажуваат дека бројот на возрасни лица со хипертензија се зголемил од 594 милиони во 1975 година на 1,13 милијарди во 2015 година, со пораст главно во земјите со низок и среден приход. Ова зголемување се должи главно на порастот на факторите на ризик од хипертензија кај тие популации.

Како да се намалат опасностите од хипертензија?

Намалувањето на хипертензијата спречува срцев удар, мозочен удар и оштетување на бубрезите, како и други здравствени проблеми.

Превенција
• Намалување на внесувањето сол (на помалку од 5g на ден)
• Јадење повеќе овошје и зеленчук
• Редовна физичка активност
• Избегнување на употреба на тутун
• Намалување на количина на испиен алкохол
• Ограничување на внесот на храна богата со заситени масти
• Елиминирање / намалување на транс мастите во исхраната
• Намалување и управување со менталниот стрес
• Редовно проверување на крвниот притисок
• Лекување на висок крвен притисок
• Справување со други медицински состојби